Skip to main content

Антикорупциска: Фирма на советникот Усеини или негови блиски лица не смее да добива тендери од Општина Охрид

Антикорупциска денеска со укажување дека фирмата НЕФИ ИК на советникот Усеини или во сопственост на негови блиски лица не смее да добива тендери од Општина Охрид. Од локалната не потврдуваат дали една од двете фирми кои се пријавиле на тендерот за рушење дивоградбии е на советникот од ДУИ. Но доколку на електронската аукција го добие тендерот договорот ќе биде ништовен, велат од антикорупциска.

 |   | 

Државната комисија за спречување на корупција денеска укажа дека фирма на советникот од ДУИ Нефи Усеини не може да има деловна соработка со општина Охрид каде тој е член на градскиот совет.
„Фирма што е во сопственост на лицето Нефи Усеини, или во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид, каде истото лице е член на совет. Доколку, службеното лице постапи спротивно на овој член, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи“, – велат од антикорупциска повикувајќи се на член 51 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

( Член 51: „Службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство“. )

Ова доаѓа по информацијата дека фирмата НЕФИ ИК е една од двете кои се се пријавиле на тендерот за уривање на дивоградби што го распиша Општина Охрид. Од локалната не ја потврдуваат информацијата. Што се однесува до укажувањето од Антикорупциска, од локалната со одговор дека постапка за овој тендер се спроведува согласно со Законот за јавни набавки, а право да достави понуда има секое заинтересирано физичко или правно лице или група такви лица, вклучувајќи ги и сите привремени здружувања, кои на пазарот или во постапката за јавна набавка го нудат предметот на набавка.
„Следува евалуација на понудите, во која треба да се утврдат способностите на економските оператори и причини за исклучување од постапката. Доколку во текот на евалуацијата на понудите се утврди одреден судир на интереси, ќе се постапи согласно предвидените законски процедури.“

Велат дека тендерот е успешен затоа што е исполнет еден од условите, а тоа е да има пријавени заинтересирани фирми.

„ Во овој момент пристигнати се две понуди, тие се разгледуваат. Очекуваме во законскиот рок да биде најавена електронска аукција на која ќе се одбере фирмата која ќе работи на проблемот со рушење на дивоградбите.“ – вели Томе Џамтоски портпарол Општина Охрид.

Од локалната се надеваат дека во наредните десеттина дена ќе се одржи и електронската аукција на која тендерот ќе го добие фирмата која ќе понуди најниска цена. За рушење на дивоградбите согласно регистарот кој се уште се филтрира, општина Охрид од буџетот издвои 1.5 милиони денари, а очекува и помош од државата.