Skip to main content

Се очекуваат 3,2 милиони туристи да ја посетат земјава во 2019 година

Анализите за посетеноста на земјава за изминатите 6 месеци покажале  дека во пораст е бројот на хрватските,  грчките и туристите од Полска. Загрижувачки е  падот  на домашните и турските туристи во земјава.

 |  Валентина Неловска  | 

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот планираат дека 2019 година Македонија ќе ја посетат 3,2 милиони гости кои ќе остварат 3,5 милиони ноќевања. Интенција на Агенцијата е да се задржат традиционалните туристи, но и да се отвараат нови пазари во светот кои би ги привлекле туристите да ја посетат Македонија. Нивните анализи на посетеноста на земјава во изминатите 6 месеци покажале дека бројот на холандските гости во континуитет расте од 4 до 5 проценти , а се зголемува бројот на гостите од европакиет земји. Бројот на хрватските гости е во пораст за 23 посто , грчките гости за 29 проценти и на полјаците за 20 проценти, информира Љупчо Јанески директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. И додека расте бројот на европските туристи, за 31 процент има опаѓање кај турските гости во земјава , а тоа се должи на економскиот фактор и падот на турската лира, вели Јанески.

„ Тоа се бележи од 2018 . Турскиот пазар падна за 10 посто. Гостите доаѓа пред се на кружни патувања во Македонија и се задржуваа во просек  1,6 дена. Имаше поголем квантитет од квалитет за разлика од другите пазари кои ги дополнуваа разликите во ноќевањата како полскиот пазар со 3,5 просечен престој во пансионската потрошувачка“, напоменува Јанески.

Љупчо Јанески , директорот на Агенцијата е загрижен од фактот што статистичките податоци покажуваат дека во опаѓање е бројот на домашните посетители. Тие повеќе ги избираат туристичките дестинации во соседните земји, нагласува Јанески.

„ Класичниот престој на домашните туристи е во опаѓање во континуитет. Имаме викенд летувачи. Нашите туристи љубат да одат на летување во соседните земји. Туристичките агенции имаат outgoing туризам и нудат поконкурентни пакет аранжмани од домашните“, вели Јанески.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2019 година очекуваат дека растот во туризмот ќе се движи од 3 до 5 посто, а се планира и иста стапка на реализирани ноќевања. До крајот на годинава од Агенцијата ќе настапат на саемски манифестации за привлекување на гости од Азија и Кина заедно со Србија и Црна Гора на Саемот во Сингапур како Балкански регион. Но, се планирани и посети на престижните саеми во Варшава, Лондон, Римини и Измир.