Skip to main content

Вечер на ЕУ и изведба на балетската претстава „Либертанго“ на програмата на „Охридско лето“

Вечерва со почеток во 20 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи концерт на финскиот пијанист Оли Мустонен. Музичко-сценската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со балетската претстава „Либертанго“ што ќе ја изведе Националната опера и балет на Република Северна Македонија на сцената Долни Сарај.

 |   | 

Во рамките на традиционалната Вечер на Европската унија што се одржува на фестивалот што секоја година се одржува на„Охридско лето“, вечерва со почеток во 20 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи концерт на финскиот пијанист Оли Мустонен.
Овој голем уметник, виртуоз на пијано во светот е познат по неговите врвни интерпретации на пијаното, додека пак во родната Финска е многу ценет како композитор.

Мустонен исто така е ангажиран и како диригент на Фестивалскиот оркестар во Хелсинки кој самиот го основа. Како инструменталист е особено активен на концертните подиуми во Европа и Австралија, а композиторот Родион Шчедрин му го посветува Концертот за пијано и оркестар бр. 5. На камерната сцена соработува со виолончелистите Стивен Исерлис и Данијел Милер Шот особено за изведбите на авторските дела. Неговата прва симфонија „Тури“ е порачка на Филхармонијата од Хелсинки, а веднаш по премиерата на делото во 2012 година, оркестарот бара од Мустонен да напише уште едно симфониско дело.

Музичко-сценската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со балетската претстава „Либертанго“ што ќе ја изведе Националната опера и балет на Република Северна Македонија на сцената Долни Сарај. „Либертанго“ на музика од Астор Пјацола е претстава која го покажува создавањето и патот на тангото. Уличен танц што го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето.

На почетокот на минатиот век во Аргентина често има прилив на емигранти од Европа, а најмногу од нив биле Италијанци и Шпанци. Аргентина е новата ветена земја, земја што им давала надеж на сиромашните Италијанци, емигранти кои во почетокот на 20 век тргнале да бараат подобар живот. Оваа приказна ни го покажува патот на италијанското семејство Пјацола. Ќе настапат Александра Мијалкова во улогата на мајката на Пјацола, Васил Чичијашвили како татко на композиторот, Марија Кичевска Шокаровска која ја игра улогата на танго-танчерката Мариа Ниевес, Игор Веланоски како танго-танчер, Саша Евтимова која ќе ја одигра улогата на првата жена на Пјацола и Наташа Јосифовска како последната жена на композиторот. Кореограф на претставата е Италијанската Сабрина Боско, режисер и либретист Наташа Поплавска, сценограф и костимограф еАлександар Ношпал.