Skip to main content

ОТВОРЕНА ЛИКОВНА ИЗЛОЖБА НА МАЈКЛ КЛОС

Градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески, во Куќата на  Уранија – МАНУ, ја отвори изложбата на Мајкл Клос, канадски и светски уметник со македонско потекло.

 |   | 

Градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески, во Куќата на Уранија – МАНУ, ја отвори изложбата на Мајкл Клос, канадски и светски уметник со македонско потекло.

– Мајкл Клос е светски познат ликовен, драмски и филмски уметник, дизајнер и докажан хуманитарец. Тој е светски и наш. Судбината сакала од родниот град Торонто во Канада, во средината на осумдесетиите години од минатиот век, да тргне да ги бара своите корени и за првпат да стапне на македонско тло. Во Леринско го наоѓа родното место на мајка му, во Ќустендил татко му, а во Охрид, како што ќе рече Клос, „ја пронајдов својата животна и уметничка друшка- Менче“ .

Оваа изложба на Клос ја доживуваме како уште потврда на неговата посветеност кон Охрид.Тоа го чувствуваме сите.И граѓаните и луѓето од неговата фела. Покојниот Вангел Наумоски ќе рече: „ Од Клос зрачи Македонија. Дали се тоа фрески, или не, јас не знам, но знам дека тоа е врвот на модерното“ . Охридскиот ликовен уметник Славко Упевче, кој со изложба деновиве одбележа 50 години творештво, ќе напише „ од Клос извира ведрина со нагласено чувство на естетика. Чинот на уметничкото создавање тој го постигнува со експресија на боите“ .

Во оваа прилика, сметам за потребно да потсетам дека пред неколку години, дел од личната архива на Мајкл Клос е во подрачното одделение на Историскиот архив во Охрид, но за жал сеуште не е достапен за јавноста.

Покрај тоа, сопругата Менка Клосе, со согласност на авторот, го покрена проектот : Фондација „ Менка и Мајкл Клос“- Ликовна заоставнина- сопственост на општина Охрид, со намера неговото творештво, или најголемиот дел, од Торонто да се префрли во Охрид. Се планира,Општина Охрид, од средствата собрани од продажбата на слики на Клос, да доделува една стипендија.

За проектот, бил информиран и го прифатил , прерано починатиот градоначалник проф. д-р Јован Стојаноски. Ние ја почитуваме желбата на прерано починатиот градоначалник Стојаноски и со особена почит кон семејството Клос, целосно ќе ги вложиме нашите капацитети за што побрза реализација на овој голем проект- рече градоначалникот Константин Георгиески.

За ликовното создавање и богатиот сликарски опус на Клос говореше академскиот сликар Славко Упевче.Тој посебно ја нагласи естетската експресија на Клос, богатиот колорит, ведрината и оптимистичките пораки, така потребни во ова време и на овој простор.

Изложбата е дел од „ Научната и уметничка визита – Охрид 2019“ на МАНУ, а ќе трае до 24 јули.