Skip to main content

„Парче душа“ утревечер на „Охридско лето“

„Парче душа“ е избор на поезија која актерот Љупшо Тодоровски Упа ширум Македонија ја рецитира веќе подолго време.  Намерата на Тодоровски е оваа запоставената област на актерско и сценско изразување рецитирањето повторно да си го завземе своето место, да ја поврати публиката и состојбите на душата што рецитирањето ги предизвикува.

 |   | 

Со стихови и со внимателно одбрани песни на Блаже Конески, актерот Љупчо Тодоровски Упа се обидува да ја анимира публиката и наново да го сврти вниманието кон рецитирањето како подзаборавено сценско изразување. Неговиот проект „Парче душа“ опстојува речиси една деценија, а Упа вели дека една и единствена цел на проектот е да остваруваме соништа и да им остваруваме надеж на сите гледачи и слушатели. „Парче душа“ насекаде наидува на убав одзив, подршка и благодарност кај гледачите.

„Единствено на овој начин преку изведбата на актерите чијашто должност е да ги пренесат состојбите на душата и чувствата што произлегуваат од секоја песна, зошто многу поедноставно луѓето се откажуваат од поезијата. Прво затоа што читаат веројатно погрешна поезија, или секоја поезија која користи сложености да допре до душата, душата е едноставен механизам“ вели Упа.

„Парче душа“ е метафоричен приказ на еден човечки живот испреплетен со историјата на нашата татковина. Сликослед од крајолици, луѓе и настани од нашиот, македонски живот, но пред сѐ и над сѐ, најважното, тој е – изблик на чувства и душевни состојби, вели Упа.Публиката ќе може да ги слушне епските Марко Крале, Св. Спиридон и Болен Дојчин; Тешкото и Стерната. И нежните Виј, Круша, Пресадување… Ангелот на Св. Софија, Убавите жени, Нежност…па Тетин Ристе, Белата тетка…и ќе ја доживеете својата и душата на својата татковина. Блаже ми е како отсекогаш. Кога не ќе сум можел да се изразам себеси – сум го говорел него, ќе рече Тодоровски.

„Блаже е поет на мудроста, на големиот и убав македонски збор и пред се на едноставноста. Тој пишувал за тетки, за тетиновци, покрај другите песни кои сите ги знаеме „Тешкото“, „Везилка,“ има песни за Дон Кихот, има песни за пензионерите, за пиперките, за нашите чешми, значи едниствено на тој начин ќе им ја доближиме поезијата и убавината и големината на изразениот човечки збор“ кажува Љупчо Тодоровски Упа.

Инаку, Љупчо Тодоровски Упа снимал со Манчевски и Ценевски, играл и во бројни филмови и телевизиски серии во земјата, регионов и во Европа, а работел и како продуцент и кастинг режисер.