Skip to main content

Репертоарот на охридскиот театар ќе се збогати со уште една претстава

Репертоарот на охридскиот театар ќе се збогати со уште една претстава.  Од наесен охриѓани ќе можат да погледнат ново театарско остварување. Планирано е актерите да настапат и на некои фестивали низ земјава. Летниов период нивната пауза беше искористена за подобрување на условите во Центарот за култура Григор Прличев.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Репертоарот на охридскиот театар ќе се збогати со уште една претстава. Центарот за култура „Григор Прличев“ веќе е во преговори со режисерот Игор Ифковиќ од 1ви септември да започнат да подготвуваат нов проект, а тоа е претставата на Душан Ковачевиќ со наслов „Генерална проба за самоубиство“, која ќе биде финансирана од Министерството за култура. До средина на октомври треба да биде готова и Охриѓани да ја гледаат премиерата. Актерите во летниов период малку паузираа бидејќи во месец јуни заврши редовниот репертоар, а и голем дел од претставите на фестивалот Охридско лето се одржаа во Центарот за култура. Последна изведба им беше онаа на преставата „Каде е пиштолот“ со која настапија токму на овој фестивал, а од есенва ќе имаат гостувања и во други градови низ државава.

Ќе имаме гостување со претставата Каде е пиштолот на фестивалот Гола месечина во Скопје на 7ми септември, а ќе аплицираме за учество и на фестивалот Ристо Шишков кој се одржува од 6ти до 13ти септември и со тоа ќе има можност нашиот театар да го видат и надвор од Охрид, вели директорот на Центарот за култура, Горан Симоноски.

По завршувањето на Балканскиот фестивал кој е под покровителство на оваа културна установа, кој поминал во најдобар ред, следувале некои зафати за подобрување на условите во самата зграда.

Континуирано преку летниов период работевме на подобрување на условите во центарот. На малата сцена поставивме две инвертер клими, а со тоа ќе овозможиме во текот на летото да има претстави, а публиката да не се препотува, а на зима да биде топло, вели Симоноски.

Претапацирана е и вратата која води до големата сала, а со тоа покрај подобар естетски изглед се подобрува и изолацијата, па нема да се слуша надвор кога има филмска или театарска претстава во салата. Планирано е да се уреди и просторот на галеријата бидејќи на 2ри септември токму тука ќе биде поставена изложбата од полската амбасада. На крајот на септември вообичаено се одржуваат Староградските средби.