Skip to main content

Шумскиот пожар во Велмеј е ставен под контрола, но не е ликвидиран

Петти ден трае борбата со огнената стихија која проголта повеќе хектари шума. На приправност во две линии дежураат шеесетина луѓе кои не дозволуваат негово проширување. Очите на сите кои учествуваат во гасењето на шумскиот пожар се вперени кон небото во очекување на дожд.

 |  Валентина Неловска  | 

Во моментов, шумскиот пожар во атарот на селото  Велмеј е смирен, но не и ликвидиран, инфoрмираат од ЈП Македонски шуми. Стотина луѓе од Македонски шуми, пожарникари од ТППЕ Охрид, Јавното претпријатие Нискоградба и од Комунално Дебрца во изминативе денови беа ангажирани во борбата со шумскиот пожар.Појавата на вчерашниот ветар го распламти пожарот кој претходно беше локализиран, а според првичните проценки за пет дена огнот проголта над  100 хектари шума. Станува збор за пожар кој зафати густа шума  од даб и нискостеблеста вегетација. 

Непроодниот и тешко пристапен терен оневозможил да се интервенира со противпожарни возила по што се вклучиле двата авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, но и луѓе кои го гаснеле пожарот. Синоќа, покрај вработените од Македонски шуми и пожарникарите во гасење на пожар се приклучиле и мештани од селото Велмеј.

Во моментов заради претпазливост шеесетина луѓе се распоредени на две линии и дежураат. На терен ќе останат се додека шумскиот пожар не биде ликвидиран, а будно се следат и временските прилики, информира Нада Митреска, директорот на ЈП Македонски шуми- подружница Галичица.