Skip to main content

Педалинките и ова лето причина за повеќе работа на спасителите на вода

Педалинките и ова лето причина за повеќе работа на спасителите на вода. Многу пати е потврдено дека овие пловила за рекреација се крајно небезбедни, а оние кои сакаат да се забавуваат на нив пак, воопшто не почитуваат никакви правила. Уште еден проблем со кој се соочуваат спасителите на плажа е и губењето на мали деца поради невнимание од родителите.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Педалинките и ова лето причина за повеќе работа на спасителите на вода. Многу пати е потврдено дека овие пловила за рекреација се крајно небезбедни, а оние кои сакаат да се забавуваат на нив пак, воопшто не почитуваат никакви правила. Најчесто поради претовар доаѓа до превртување на педалинката што ја загрозува безбедноста на оние кои се на неа. За среќа ова лето засега немаше некој немил настан со поголеми последици, но имало интервенции од страна на спасителите.

Најповеќе интервенции имаме со оние кои ги издаваат педалинките и останатите пловни објекти за забава каде укажуваме да се запази бројот на оние кои ќе се качат на педалинката, дозволено е максимум четворица. А исто треба да пријават и ако тие не се пливачи или не се добри пливачи, вели Сашо Точков- претседател на ЦК Охрид.


Точков кажува дека педалинката не подлежи на технички преглед и не се врши нејзин упис во регистер за чамци. Одговорноста при изнајмување на ваков пловен објект ја сносат единствено тие што ја управуваат и тие што ја издале под наем. Проблем со кој се соочуваат спасителите на плажа, а кој беше поевидентен минативе лета беше губењето на мали деца поради невнимание од родителите. Вакви интервенции летово имале седум.

Пребарување на деца имаме се помалце и помалце. Помал е бројот на оние несовесни родители кои ги оставиле своите деца кои се на возраст од четири, пет, шест години, па се изгубиле некаде. Дел од нив ги наоѓаме на копно, но дел залутале во вода што преставува навистина опасност, потенцира Точков.

Инаку, летово преку Црвен крст се ангажирани околу 40тина спасители на вода распоредени на 22 плажи во Охрид, 5 во Струга и 4 на Преспанското Езеро. Досега имале околу 25 интервенции на извлекување на давеници и 740 интервенции на укажување прва помош.