Skip to main content

Започнува културната манифестација Поетска ноќ во Велестово

Првата вечер е посветена на поетскиoт портрет на Иван Џепароски. На оваа поетска манифестација со Интернационален карактер по 31 пат ќе се слават поезијата и уметноста.

 |  Валентина Неловска  | 

Од денес до 18 август се одржува културната манифестација Поетска ноќ во Велестово. На сред село, кај Чешмата, поети од земјава и светот три дена ќе ја слават поезијата и уметноста по 31 пат. Манифетсацијата ќе почне со претставување на поетскиот портрет на македонскиот поет Иван Џепароски. Огромно задовоство е да се биде дел од плејадата најзначајни македонски автори. Од таа низа врзана за вредностите на македонската поезија, од овде, од височините на прекрасното Велестово, вели Џепароски.

„Поезијата не издигнува дополнително и прави естетско доживување поврзано со уметноста, книжевноста, сликарството. Сестраните уметници таму настапуваат успешно, а тука се и музите кои ќе им помогнат на поетите да ги создаваат идните творби“, вели Џепароски.

„Поетската ноќ во Велестово“ има и интернационална вечер, на која ќе бидат претставени Бугарски и Ирски поети. Поезијата на бугарската авторка Поли Муканова и на ирскиот автор Џери Марфи, кој ќе биде претставен преку неговата поетска збирка „Жалба до Музата“, во која три песни се поврзани со Македонија.

„Се чувствувам како дома, ја сакам Македонија. Го чувствувам односот на луѓето кон поезијата. Луѓето доаѓаат на поетски манифестации и на промоции на книги, и ја поврзувам Македонија и Ирска“, споделува Марфи.

Јулијана Величкоска член на Организациониот одбор на Поетската Ноќ во Велестово напоменува дека во трите дена колку што ќе трае оваа манифестација, ќе има бројни културни случувања. Покрај поетските портрети, ќе има и ликовна изложба од младата Воскресија Андреевска.

„ПНВ не се случува 2-3 дена или еден викенд во Охрид. Поетската ноќ во Велестово работи активно цела година. Во постојана комуникација сме со сите учесници, со домашните и странските автори. Се случува културна размена, поврзани сме со преведувачи и организации на сите културни манифестации. Имаме културна размена меѓу нашата земја и учесниците на ПНВ“, вели Јулијана Величкоска член на Орг одбор на Поетска ноќ во Велестово .

Манифестацијата Поетска ноќ во Велество од оваа година, по подолга пауза, ја возобновува соработката со Меѓународниот семинар за Македонски јазик, а е поддржана од Локалната самоуправа и од Министерството за култура.