Skip to main content

Санација на градското пристаниште од октомври

Започнаа административните процедури, а во октомври се очекува потпишување договор со изведувач за санација на охридското пристаниште. Санацијата нема да го реши проблемот за паркирање на се поголемиот број пловила. Потребна е надградба на пристаништето, која за жал капетанот не може да ја вети во скоро време.

 |  Соња Рилковска  | 

Охридското пристаниште се распаѓа. Спустот за пловила од ден во ден се` пооштетен. Распаднат бекатон на сите страни, сведочи за  силните бранови и невремиња во изминатиот период.
 Тоa е грда  слика за бројните туристи, која  укажува на негрижата од страна на надлежните , коментираат граѓаните.
 Пристаништето е белег на градот, тука посетителите ги хранат и сликаат  прекрасните лебеди и бродовите.
Од Капетанијата на пристаништа велат се планира ископување и санација, на двете пристаништа и во градот и во Свети Наум, која се очекува да биде спроведена во ноември.

„Од страна на министерството за транспорт и врски ќе биде преземана активност за продлабочување на пристаништата бидејќи помина период од пет години од последното багерување на пристаништата, така што ситуацијата и хидробиолошката состојба е стабилна, односно немаме врнежи а водостојот веќе опаѓа. Започнаа административните процедури, сметам дека негде октомври до почеток на ноември ќе дојдеме до потпишан договор со потенцијален изведувач на работите  за некој период од пет шест години пристаништата да бидат оперативни. Санација ќе има поготово на спустот на пловила кој многу малку се користи , меѓутоа е една визура која е забележлива во центарот на градот и е инфраструктурна целина која што естетски потребна да биде добра“ , вели капетанот Горан Устијаноски.

Санацијата нема да го реши проблемот за паркирање на се поголемиот број пловила. Потребна е надградба на пристаништето, која за жал капетанот не може да ја вети во скоро време.

„Ние како Капетанија законски не решаваме инфраструктурни објекти меѓутоа секогаш сме тука да поттикнеме решение. Не можам да прејудицирам сега во кој момент ќе дојде до решение меѓутоа ситуацијата е толку зрела да можеме да очекуваме за отпочнување на изградба на тие капацитети за изградба на објекти за експлоатација и сместување на пловни објекти. Конкретни најави дека брзо ќе почнеме со градба морам да признам дека нема меѓутоа јас уште своевремено заедно со група ентузијасти,  архитекти од градот, наши пријатели и наутичари ги дадовме идејните решенија како пристаништето треба да биде надградено, но се јавија потенцијални проблеми од рекакциите на Унеско,  меѓутоа ова е насушно потребно за градот Охрид , додава Устијаноски.

Капетанот предлага за да нема  реакции од УНЕСКО надградбата на пристаништето со два дополнителни краци да се направи со истите материјали.
„Апелирам до сите да ги направиме сите убедувања врз Унеско врз урбанистичките инстируции. И да кажам вака ние сме исплашени од градење од иницијативи и градби. Овде не станува збор за нецивилизирана градба, охридското пристаниште  може да биде изградено и доколку бидам прашан, а ќе бидам,  ќе инсистирам да биде истата градба со истите материјали како што  е градено во минатото, бидејќи се докажала како долготрајна и естетски издржана“, додава Устијаноски.

Градското пристаниште во Охрид е  изградено во далечната 1936 година и повеќе од потребна е реконструкција и надградба. Само на тој начин ќе се  реши проблемот со паркирањето на големите патнички бродови,  а ќе има простор и за најеколошките пловила прекрасните едрилици, кои го белеат езерото.