Skip to main content

СЕ ЧИСТИ ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО И КРАЈБРЕЖЈЕ ОД ОТПАД

Активностите за справување со цврст отпад се од суштинско значење  за заштита на  животната средина и градење поздрава иднина за сите нас. Ова беше истакнато  на почетокот на акцијата за чистење на  Охридското Езеро и крајбрежје, поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, како дел од акцијата „Чисто како дома исто“

 |   | 

Активностите за справување со цврст отпад се од суштинско значење за заштита на животната средина и градење поздрава иднина за сите нас. Ова беше истакнато на почетокот на акцијата за чистење на Охридското Езеро и крајбрежје, поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, како дел од акцијата „Чисто како дома исто“.

Градоначалникот, Константин Георгиевски кој даде директна поддршка и заедно со нуркачите од клубот за подводни дејности „Охрид“ нурна во езерските води од каде се вадеше отпад , непосредно пред почетокот на акцијата во изјава за медиумите рече:

„Во оваа прилика дозволете да ја упатам мојата благодарност до организаторите и до сите учесници на денешната акција за чистење на Охридското Езеро и крајбрежје затоа што преку неа се потврдуваат стратешки определби на локалната власт за чист Охрид кој не случајно заедно со езерото е под заштита на УНЕСКО како светско културно богатство и природна реткост. Управувањето со отпад е еден од најозбилните проблеми со кои се соочува денешниот Свет, а кои се однесуваат на зачувување на чистата животна средина. Ваквите акции се чекор напред во напорите Управувањето со отпад во нашата земја да се прилагоди на барањата на Европската Унија со цел да се воспостави систем на интегрално управување со отпад. Станува збор за комплициран проблем кој бара добри организациски капацитети и соработка помеѓу бројни страни во приватниот и јавен сектор“.- посочи Георгиевски.

Евро амбасадорот Самуел Жбогар и Даниела Нелепа од Македонската Асоцијација за цврст отпад, укажаа на суштината на денешната акција за чистење на езерото и крајбрежјето и за слични активности кои се алка во низата која ќе не поврзе со европското семејство.

„Прекрасно е да се биде во Охрид за кампањата и кога ги гледам сите овие учесници подготвени за чистење на отпадот од езерото. Среќен сум што можам да забележам дека иницијативите и желбата за учество на граѓаните и здруженијата во еко акциите е се поголема. Ги повикуваме и општините да земат учество за наградата Европска општина на годината која им се доделува на оние општини кои се најангажирани во одржувањето на чиста животна средина“, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Настанот е во организација на Македонската Асоцијација за цврст отпад (МаСВА), поддржана од Делегацијата на ЕУ во земјава,Општина Охрид, ЈП „Охридски комуналец“и колективниот постапувач „Нула Отпад ДОО- Скопје. Во чистењето на Охридското езеро учествуваа нуркачи од Клубот за подводни дејности од Охрид.

Во црквата Св. Софија во Охрид свечено ќе биде отворена конференцијата „Комуникација за управување со отпад“. На работниот дел што ќе се одржува во Струга учество ќе земат претставници на меѓународни организации, интернационални експерти, на централната и локалните власти и специјализирани компании.

На конференцијата ќе стане збор за унапредување на управувањето со отпадот во Македонија, можностите за имплементација на светските искуства во регионот и успешно реализираните мали грантови.