Skip to main content

Државниот секретар на САД Мајк Помпео пристигна во Охрид

Попладнево, на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“  пристигна државниот секретар на САД Мајк Помпео, кој ќе престојува во официјална посета на нашата земја.

 |   | 

Попладнево, на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ пристигна државниот секретар на САД Мајк Помпео, кој ќе престојува во официјална посета на нашата земја.

Тој беше пречекан од министерот за надворешни работи Никола Димитров со највисоки државни почести и со силно обезбедување.
Американскиот државен секретар денеска во Охрид се среќава со државниот врв, односно на одделни средби со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев. Како што претходно соопшти Стејт департментот, Помпео уште еднаш ќе истакне дека Договорот од Преспа е исклучителен и храбар чекор на лидерите на Северна Македонија и Грција за стабилизација и просперитет на регионот и за влез на земјата во НАТО и ЕУ.

Од Стејт департментот изјавија дека САД се фокусирани на Западен Балкан како стратешки важен дел од идејата за обедината Европа. Додаваат дека разговорите ќе се фокусираат како на безбедноста така и на можностите за економски развој на земјата.
Претседателот Стево Пендаровски оцени дека посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на регионот, значи враќање на САД на Балканот. Пендаровски рече дека станува збор за многу важна посета која како што истана е сè, освен љубезна посета.
Американскиот државен секретар во Охрид покрај со претседателот Пендаровски и премиерот Заев, ќе се сретне и со вицепремирот Бујар Османи, како и со министрите за надворешни и за одбрана, Никола Димитров и Радмила Шекеринска. Тој ќе ја посети и црквата Света Богородица Перивлепта, која се обновуваше со пари од американскиот фонд за заштита на културно наследство, во вредност од 650 илјади долари.

Во делегацијата на Помпео е и заменик помошникот државен секретар задолжен за Европа и Евроазија, Филип Рикер кој пред неколку години беше и амбасадор во Македонија.

За време на неговата турнеја низ Европа, Помпео првин ја посети Италија, потоа Ватикан, па Црна Гора, од каде што и доаѓа во Охрид, а турнејата ја завршува со посета на Грција.

Помпео е првиот американски државен секретар кој ја посетува земјата од 2001 година. Пред 18 години тогашниот американски државен секретат Колин Пауел ја посети Македонија во екот на воената криза. Највисок американски претставник кој ја посетил земјава е претседателот Бил Клинтон во 1999 година, кога домаќин му беше претседателот Киро Глигоров.