Skip to main content

Интензивно се гради домот за стари лица во Далјан

Се гради домот за стари лица кај Грашница. Некое време работите стагнираа поради немање пристапен пат до локацијата. Од Локалната тврдат дека проблемот е надминат и дека Охрид за две години треба да добие современ старски дом.

 |  Лионела Јаковлева  | 


Интензивно се гради домот за стари лица кај Грашница. Општината оваа парцела со вкупна површина од 8.425 метри квадратни уште пред четири години му ја продаде на АД Илинден- Струга. Оваа градежна фирма пак, склучи договор  со две други фирми од кои едната е задолжена за изградбата на комплексот, а другата за внатрешното уредување. Стапивме во контакт со сопственикот на една од фирмите со цел да дознаеме до каде се работите на терен.  Ни беше кажано дека интензивно се работи но рано е да се обелоденуваат детали. Дознаваме дека не оди се така подмачкано. Градежните фирми имале проблем околу извршувањето на работите бидејќи до локацијата нема пристапен пат. Од Локалната самоуправа велат дека се во тек со она што се случува таму и дека со купувачот на земјиштето било разговарано за изнаоѓање решение за проблемот.

„Имаше едно оддолжување, имаше некои недоразбирања, но колку што мене ми е познато таму се гради сега. Како за секој граѓанин или правен субјект ние ќе излеземе во пресрет. Ние сме сервис на граѓаните и реагираме соодветно на дадена ситуација, вели Томе Џамтоски, портпарол на Локалната самоуправа.

Оваа парцела беше  продадена по цена од 1.532 денари за метар квадратен.  Од неа општината  инкасира околу 200 илјади евра. Договорот за изградба на Домот за стари лица помеѓу општината и АД „Илинден“ беше потпишан во септември 2017год. Инвеститорот е обврзан до септември 2021 да го заврши објектот.

“Сигурен сум дека нашите правници добро го виделе договорот и го проучиле и доколку една од страните не ги исполни преземените обврски ќе следат и соодветни реперкусии, дали за нас како Локална самоуправа или пак за АД „Илинден“, објаснува Џамтоски.

Како што предвидува Деталниот урбанистички план, на локалитетот „Грашница“ е предвидено да се гради Дом за стари лица со бруто површина од 37.794 метри квадратни, во кои е предвидено и компатибилна класа за комерцијални, деловни намени и спортски објекти. Објектот треба да има приземје, четири ката и поткровје, со максимална висина од 18 метри.