Skip to main content

Започна чествувањето на 11 Октомври

Се одбележуваат 78 години од почетокот на историскиот датум од Втората светска војна.  На денешната свеченост во големата сала на општина Охрид, пред присутните говореа градоначалникот Константин  Георгиески и Гоце Георгиески претседателот на Сојуз на борци и поддржувачи од Охрид и Дебрца.      

 |  Валентина Неловска  | 



Општина Охрид со свечена седница го  започна чествувањето на 11 Октомври – Денот на Народното востание. На свеченоста свое пригодно обраќање и честитка до присутните имаше градоначалникот Константин Георгиески.

„Овој ден е симбол на Македонскиот непокор и слободарскиот дух. Во очи на големиот празник, денес одбележуваме 78 години од четиригодишната народно – ослободителна борба на Македонскиот народ во Втората светска војна. Благодарение на пожртвуваноста на храбрите борци и на нивните идеали за слобода, денес, ние сме свои на своето. Наша определба и денес, е сигурно и недвосмислено да чекориме по заветот што ни го оставија, да продолжиме да се бориме за да ги одржиме темелите на слободна Република Северна Македонија. Почнувајќи од 1893 година, од македонската историја исполнета со крв и саможртва, стана пример кој го следеа сите понатамошни македонски востанија и револуции. Темел врз кој се надградувале Илинден 1903, 11 Октомври 1941, АСНОМ 1944 и 8 септември 1991 – денот на прогласување на независноста. Нашата борба денес, е борбата за обезбедување подобар животен стандард, подобра инфраструктура, подобри услови во образованието, истакна во своето обраќање  градоначалникот Георгиески.

Обраќање имаше и Гоце Георгиески претседателот на Сојуз на борци и поддржувачи од Охрид и Дебрца.

Георгиески истакна,  11 Октомври,  Денот на народното востание, симболот на непокорот и слободраскиот дух на македонскиот народ , претставува продолжение на нашите револуционерни и слободарски традиции изрзени на сите претходни буни и востанија. Изрази  почит кон сите што се бореле и ги дале животите за слободна и независна Македонија.   Нека овој голем ден ни биде патоказ и нам и на генерциите по нас да ја чуваме слободата, сувереноста и незвисноста на Македонија, истакна Георгиески, претседателот на Сојузот на Борци од Охрид и Дебрца.      
Свечената седница беше збогатена со пригодна културно уметничка програма. Чествувањата продолжуваат и утре со полагање на свежо цвеќе пред спомениците на борците од Народноослободителната војна.