Skip to main content

Шест години печалење на црно

Некои од плажите издадени под закуп на охридското крајбрежје повеќе од 6 години работат на диво. Никој во минатото не направил ништо по ова прашање, па некои со години печалеле бесправно, вели градоначалникот, Константин Георгиески. Тој побара сите надлежни институции да се заангажираат и ваквата неправда да се корегира.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Повеќе од шест години некои од плажите издадени под закуп на охридското крајбрежје работат на диво, вели градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески. Никој во минатото не направил ништо по ова прашање, па некои со години печалеле бесправно, вели градоначалникот. Тој побара сите надлежни институции да се заангажираат и ваквата неправда да се корегира.
Во однос на сите тие плажи коиштo периодот наназад стопанисувале во Општина Охрид, има податоци од кои и јас самиот се изненадив. Има плажи кои години наназад функционираат, меѓутоа нивните договори не се обновени од 2012, 2013 години, добри 6-7 години тие работат на диво и никој таму не постапил да ги заштити интересите на општината, вели Градоначалникот.

Не е само општината виновна за ваквата состојба, вели Георгиески. Тука е пазарната, трудовата инспекција, УЈП, така што во однос на плажите мора да има еден координиран заеднички пристап во решавање на проблемот, рече градоначалникот. Најпопуларните плажи кои во јавноста се сметаат за најголем проблем всушност се најмал проблем, бидејќи тие се без концесија само две или три години, за разлика од други, додава тој.

Пример плажа број 5, Немо Горица, со важност на договор на 10.7.2012, доставено е решение за раскинување на договорот. Во меѓу време земјиштето е вратено на приватно лице и истата не може да биде предмет на издавање, но сите сме сведоци дека таа плажа сите изминати години работи, рече Георгиески.
Георгиески побара толеранција од граѓаните бидејќи овие проблеми се таложеле со години и сега не може истите да се очекува да се решат за неколку месеци колку што тој е градоначалник.