Skip to main content

Охридските ракометари утре на домашен терен за противник ќе ја имаат екипата на „Металург 2“

Охридските ракометари, утре на домашен терен за противник ќе ја имаат екипата на „Металург 2“, што воедно ќе биде и последен натпревар од првата фаза во регуларниот дел од сезоната во машката супер лига. „Гладијаторите“, подготвени да се соочат со противникот и со уште еден позитивен исход да ја продолжат позитивната серија во ракометното елитно друштво.

 |   | 

Втората екипа на на Р.К. „Металург“ противници на охридските ракометари на утрешниот натпревар од деветото коло, во регуларниот дел од сезоната во машката супер лига. Со речиси обезбеден пласман во Плеј-Офот, реални се и апетитите на охридските ракометари за европските предизвици.

„Реално е да се надеваме дека ќе го обезбедиме плеј-офот и кажавме уште на почетокот дека секоја шанса која че ни се укажи за место во Европа ќе ја искористиме. Според мене важно е на крајот на овој есенски дел, да бидеме во првите две екипи за понатака кога ќе биде ждребот за купот да бидеме носители за да можеме да добиеме полесни противници и да обезбедиме влез во final four, преку што ќе можеме понаатака да се надеваме на играње во Европа“ изјави Горан Недески – спортски директор Р.К. „Охрид“.

Втората екипа на „Металург“ е млад состав, кој сигурно ќе сака да се надигрува со нас во Охрид. Ние како екипа сме во добра серија, фаворити сме на хатрија и треба да победиме без поголеми потешкотии, оптимист е пивотменот Кристијан Анастасовски.

„Добро да имаш конкуренција за местото во составот. Мојот соиграч Иван Тасески е далеку поискусен играч од мене и со богато суперлигашко искуство. Јас играв преходно во Супер лигата се вратив малку наназад, сега сум повторно во супер лигата и чест ми е што со него ја делам минутажата, некогаш тој повеќе некогаш јас“ – изјави пивотменот Кристијан Анастасовски.

Утрешниот натпревар ќе биде добра прилика младите охридски ракометари да добијат шанса од тренерот Раде Стојановиќ. Еден од нив ќе биде Мартин Ивановски. Младиот Иваноски веќе одигра неколку натпревари кога се кршеа копјата за победа на охридскиот клуб.

„Реално колку толку, оваа година имам поголема минутажа од минатата година и морам да напоменам дека оваа година мојата минутажа е во тесни натпревари каде се крши резултатот и тоа е еден плус за мене. Секако дека очекувам повеќе да играм, посебно на утрешниот натпревар, тренирам напорно и индивидуално и мислам дека заслужувам повеќе да играм и мислам дека тоа ќе ми го овозможи селекторот“ посочи Мартин Ивановски -ракометар Р.К. „Охрид“.

После осум одиграни мечеви, Охрид е второпласиран на табелата со еден бод помалку од лидерот Металург. Утрешниот натпревар ќе биде и своевидна увертира за спектаклот со екипата на „Пролет“ следниот викенд кога, „Рибарите“ го слават 30-от роденден. Натпреварот ќе се игра утре во СРЦ „Билјанини извори“ со почеток во 18 часот.