Skip to main content

Труењето на бездомни кучиња во строгиот центар на Охрид ја бранува јавноста

По вчерашниот немил настан чиј епилог е едно угинато куче од трите затруени со високо токсичен отров, денеска од ОК на ВМРО ДПМНЕ повикаа на брза реакција на надлежните за пронаоѓање на сторителите но побараа и одговорност од локалната самоуправа за справување со проблемот со бездомни кучиња. Градоначалникот Георгиески, пак преку социјалните мрежи порача дека процесот на создавање услови за решавање на проблемот е во завршна фаза. Тој истовремено изрази сомнеж дека позади вчерашното труење стои некој кој со нехумани и валкани постапки, сака да го наруши неговиот и угледот на Охрид.

 |   | 




Епилогот од труењето бездомни кучиња на градскиот плоштад е три затруени кучиња од кои едно угина а две се спасени со интервенција на активисти за заштита на животните. Активистите информираа дека од страна на ветеринарите кои биле повикани на местото на немилиот настан било утврдено дека животните се отруени со  „Ланате“, високо токсичен отров кој го нема во слободна продажба и за чија набавка постои строга процедура. Масовното труење кучиња ја згрози охридската но и пошироката јавност во државава.
Денеска, на прес конференција од ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид ги повикаа СВР Охрид, Јавното Обвинителство и Агенцијата за храна и ветеринарство и побараа брза реакција и разрешница на труењето нарекувајќи го  монструозно дивеење и садистичко изживување над животните. Упатија остра критика и до локалната власт прашувајќи до кога ќе го игнорираат проблемот со бездомните кучиња во Охрид. Побараа одговорност од градоначалникот и од директорот на Охридски комуналец.

„Господине Георгиески уште што треба да се случи за да се разбудите и да преземете конкретни чекори?
Георгиески и Грданоски треба да одговараат за загрозување на безбедноста на сѐ што е живо не само на градскиот плоштад туку и во градот. Георгиески да го разреши директорот Грданоски затоа што оставањето отров, којшто тешко се наоѓа со посебна процедура, на јавни површини е кривично дело и предизвикува опасност по живот.“ – кажа Перчо Божиновски, портпарол на ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид.

Партискиот портпарол Божиновски праша зошто не функционира стационарот во „Мaуцкер” и покрај тендерот за заловување, стерилизација и кастрирање на бездомни животни, обезбедени средства, вработени луѓе, набавени возила и комплетна опрема за заловување.

Градоначалникот Константин Георгиески изрази искрено жалење по вчерашниот немил настан и додаде дека во лавината реакции во јавноста имало и неаргументирани, навредливи и злонамерни обвинувања кон него како Градоначалник на Охрид.

„Не сакам да верувам, но искрено се сомневам дека зад сево ова стои „некој“ кој со вакви нехумани и валкани постапки, сака да го наруши мојот и угледот на Охрид. Локалната самоуправа интензивно работи на создавање услови за решавање на проблемот со бездомните кучиња, но тоа, како и секаде е сложен процес. Тој процес, за разлика, од други средини, во општина Охрид е во завршна фаза, со што на хуман начин, бездомните кучиња ќе се тргнат од јавните површини и нема да бидат опасност за граѓаните. – напиша Георгиески на неговата страна на социјаланта мрежа Facebook.

Градоначалникот напиша дека била детектирана појава на носење бездомни кучиња од други градови во Охрид. Тој упати порака до сите надлежни институции и до граѓаните да се вклучат во процесот на откривање на оние кои ги трујат кучињата на јавни места, а посебно на, како што пишува Георгиески,  „организаторите“ кои, за жал, тоа го прават да го нарушат угледот на Охрид, а можеби и да „спечалат некој поен за политички публицитет.