Skip to main content

Презентиран Нацрт планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019-2028г

На јавната расправа која се одржа денес во Охрид граѓаните имаа можност да се запознаат што содржи овој документ од исклучително значење за заштитата на регионот како културно историското богатство и природна реткост признаена од УНЕСКО.

 |   | 

Денеска охриѓани на Јавна расправа се запознаа со Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019-2028г. На јавната расправа  организирана од Министерството за животна средина и просторно планирање беше разгледан и Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животната средина за планот за управување.  

„ Денешнава средба е во насока на согледување на состојбите , ресурсите и проблемите во охридскиот регион во целина со што битно ќе допринесеме во дефинирање во целите , мерките , приоритетите и режимот на заштита . 1:18
1:31 Двата документи кои денес се тема на јавнава расправа ќе обезбедат висок степен на заштита на исклучителната универзална вредност на регионот. Тие се основа за донесување на развојни одлуки од сите засегнати страни со што се обезбедува рамнотежа меѓу заштитата на доброто и неговото искористување .“ – кажа градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески  во воведното обраќање пред присутните во ЦК „Григор Прличев“ .

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска, истакна дека крајбрежната трансформација за која УНЕСКО има сериозни забелешки а која се одвивала години наназад од укинувањето на урбанистичкиот план за крајбрежјето сега ќе се спречува со урбанистички план од државно значење.

„Ние ќе овозможиме примена на соодветни мерки со цел да го заштитиме природното и културното наследств. Тоа пред се значи воспоставување на заштитен појас со ширина од 50 метри сметано од границата на катастарската парцела Охридско езеро каде што на интегриран пристап преку урбанистички план од државно значење ќе се утврдуваат заштитните мерки согласно заштитни зони каде што во првата А зона не се дозволува да се гради за да се задржи крајбрежната функционалност и квалитетот на езерото а во првата Б зона се задржуваат објектите коишто веќе се изградени меѓутоа со тенденција да се зголеми површината која што има крајбрежна функционалност согласно рамковната директива за води.  “ – изјави Петровска.

Дел од еколошките задруженија со забелешка дека не се донесени низа законски решенија, студии и слични документи, од кои дел се спомнуваат во Планот за управување кој е во постапка на донесување.

„Факт е дека Законот за Охридскиот регион не е донесен , факт е дека ЛЕАП сеуште не е донесен, Студијата за влијание врз животна средина мислам дека не може да оди паралелно со нацрт план за управување со охридското езеро и одредени други недостатоци како што е Студијата за Студенчишко блато која се уште не е донесена а се спомнува во планот за управување со охридскиот регион. Не е донесена уште и Студијата за сливното подрачје на охридското езеро а се носи еден план за управување со охридскиов регион.“ – изјави Трајче Талевски – Граѓанска иницијатива Охрид СОС.

На забелешката дека дека ваков план не може да се донесе без најпрво да се донесе Законот за управување со Охридскиот регион , Државниот секретар за животна средина, Петровска со одговор дека не може да се чека.

„ Ако ние чекаме да се донесе Законот за охридскиот регион , за блатото, ќе правиме и нов план за управување со Галичица, ние никогаш нема да го заштитиме охридското езеро. Значи ние треба итно да го направиме планот и да го усогласиме со сите чинители што е и целта на јавната расправа и веднаш штом ќе го усвоиме планот да продолжиме со зонирањето внатре во заштитените подрачја. “ – кажа Петровска.

Планот на 20 октомври е испратен и до УНЕСКО и до крајот на овој месец се очекува и нивното мислење. После одржувањето на јавните расправи ќе слеува разгледување на забелешките и сугестиите од кои дел би биле интегрирани во документот.  Финалната верзија на планот треба да се достави на усвојување до Владата до крајот на годинава а во февруари идната година до УНЕСКО.