Skip to main content

Полека но сигурно, македонското судство се ослободува од клиентелизмот и политичките влијанија

Полека но сигурно, македонското судство се ослободува од клиентелизмот и политичките влијанија, сметаат македонските судии. Убедени се дека со поддршка од меѓународната заедница самите судии одвнатре ќе успеат да ги надминат проблемите, ќе изградат свој интегритет и ќе успеат да бидат креатори на  независно и самостојно судство.

 |   | 

Денес во Охрид се одржа четвртата работилница на здружениеto на судии на Република Северна Mакедонија, на која покрај македонските судии учество зедоа и голем број претставници од меѓународната заедница. Непристрасноста на судиите е главната гаранција дека граѓаните ќе бидат третирани фер и еднакво пред законот, дека слабите ќе бидат заштитени од богатите и моќните, дека основните демократски правила ќе бидат почитувани, дека институциите и јавните службеници ќе им служат на граѓаните, истакна Дајана Палеквин – политички офицер во амбасадата на САД во Скопје

„Попречувањето на правдата како закана за независноста на судството и транспарентноста. Секоја година сметам дека стануваме похрабри во изборот на темите. Во јануари 2019та собранието донесе многу важни дополнувања на кривичниот законик со кој се дефинира попречувањето на правдата како кривично дело. Овие дополнувања го криминизираат попречувањето на сведоците, судските вештаци, судиите, обвинителите и на адвокатите, со што практично се криминализира попречувањето на кривичната постапка. Амбасадата на САД многу години бараше вакво нешто и со задоволство гледаме дека ова е веќе направено“ рече Дајана Палеквин – политички офицер во Амбасада на САД во РСМ.

Палеквин додаде дека Амбасадата на САД ќе продолжи да се залага судиите во земјава да имаат слобода да судат во предметите без притисок од надвор. Македонските судии пак, сметаат дека полека, но сигурно, македонското судство се ослободува од клиентелизмот и политичките влијанија.

„Генерално, перцепцијата во јавноста и кај меѓународната заедница беше дека постојат влијанија во делот на функционирањето на судството во нашата држава. Но, полека, но сигурно, судството се ослободува од одредени стеги и сум длабоко убеден дека со поддршка од здружението и меѓународната заедница дефинитивно самите судии одвнатре ќе успеат да ги надминат ваквите проблеми, односно да го изградат својот интегритет, меѓутоа и да создадат капацитети за дефинитивно да тргнеме напред кон она што значи независно и самостојно судство во нашата земја“ рече Лазар Нанев – судија основен суд Кавадарци.

Покрај политичкото влијание, голем проблем претставува и клиентелистичкото однесување на одредени судии во земјава и малиот бој на пријавување на влијанија од надвор врз донесувањето на нивните одлуки, смета претседатеот на здружението на судии на РСМ, Џемаили Саити.

„Секако дека е тешко да се дојде до конкретен заклучок бидејќи судиите не секогаш ги пријавуваат таквите влијанија, но јас кажав во една прилика дека покрај политичките влијанија уште поризични се клиентелиситичките однесувања на судиите што беше тема на денешното воведно излагање. Се надевам дека политичките моќници кои сакаат да влијаат врз судството ќе бидат скратени во однос на нашето постапување“ Џемаили Саити – претседател на Здружение на судии на РСМ.

Здружението на судии од земјава во соработка со Амбасадата на САД во РСМ ја иницираат оваа четврта по ред меѓународна судска работилница за да се овозможи дијалог со судиите во регионот и пошироко, а главната цел на истата е зајакнување на капацитетите и соработката помеѓу здруженијата на судии, Европскатa мрежа на судски совети и другите релевантни партнери и воспоставување стандарди за зајакнување на независноста на судството.