Skip to main content

Рикер ја смирува топката

Американскиот амбасадор Филип Рикер ги седна на иста маса лутите противкандидадати за градоначалници на Охрид и Струга.

 

 |  Валентина Нелоска  | 
Filip Riker
Филип Рикер
Филип Рикер, американскиот амбасадор во Македонија, денес одржа средба со четворицата кандидати за градоначалници на  Охрид и Струга. Во Охрид, Рикер ги седна на иста маса охридските противкандидати Кирил Трендафилов-Нанче и  Александар Петрески, но и струшките Рамиз Мерко и Фијат Цаноски. Филип Рикер ја потенцираше добро познатата порака, дека за добра репутација на целата земја потребно е да се повторат регуларностите од првиот изборен круг.

 

„Најважно е секој граѓанин да  чувствува дека може да им верува на лидерите на локално и централно ниво“ рече Рикер.
 
Охридските кандидати за градоначалници дадоа свои видувања за средбата. Нанче искажа благодарност за напорите на амбасадорот Рикер да има достоинствени и регуларни  избори и додаде „Не е важно кој ќе биде градоначалник..поважно е дали ќе имаме ситуација на обвинување од меѓународните посматрачи дека сме имале нерегуларности и заради тоа да не добиеме датум за почетни преговори со ЕУ или либерализација на визниот режим за сите граѓани“.

Неговиот противкандидат Петрески пак, истакна дека му напоменал на амбасадорот дека токму оние кои треба да се грижат за регуларноста на изборите, не го прават тоа. „Јас не сум загрижен за резултатот од изборите, туку за тортурата која се врши врз граѓаните. Убеден сум дека на оваа тортура граѓаните соодветно ќе одговорат и ќе победам поубедливо во вториот круг. Загрижен сум и за извештајот од ОБСЕ, зошто и тие се запознаени за овие нерегуларности преку средбите со приведените и малтретираните граѓани“ рече Петрески.


По средбата, струшките кандидати Мерко и Цаноски веднаш ја напуштија средбата, при што не им овозможија на новинарите да ги слушнат нивните ставови. Инаку, на средбата со амбасадорот Рикер и градоначалничките кандидати, беа присутни и претставници од Општинската изборна комисија.

 

{loadposition content9}