Skip to main content

До каде оди дрскоста на граѓаните?

Повторно сме сведоци на преполни контејнери, отпадоци на секој чекор, со еден збор грубо кршење на комуналниот ред во градот.

Туристите во Охрид доаѓаат и си заминуваат, а сметот во кој се дави градот останува. На почетокот од туристичката сезона екипата на ТВМ излезе на терен со цел да истражи колку и како ЈП Комуналец се справува со хигиената во градот. Во анкетата со граѓаните, вината се сведе на комуналното претпријатие, кое наводно недоволно совесно си ги извршува обврските. „Сепак кога малку подетално ќе се запознаете со проблемите на лице место, ќе видите дека работите и не се баш такви“, демантира Сашо Алчев, дир. на ЈП Комуналец. „Со сите сили се трудиме градот да може да се гордее со хигиената во него. Поставивме 120 нови корпи во централното градско подрачје и на пофрекфентните улици во градот. Сепак, несовесни граѓани се дрзнаа и дел од истите ги откорнаа, навистина недолично“, вели Алчев. „Покрај сиот наш труд, доаѓаме до заклучок дека навистина не можеме да исчистиме онолку колку што тие можат да направат неред„, констатира Алчев.
„Во делот каде што завршуваат нашите надлежности, стапува на сила комуналната инспекција, која навистина треба да ни излезе во пресрет, за конечно да ставиме крај на ова дрско однесување од страна на граѓаните“, вели Алчев.
„Навистина и лично како жител на Охрид се согласувам дека дрскоста на граѓаните ги преминува сите граници“, вели Танас Танаскоски, комунален инспектор.„ Многу често добиваме пријави од граѓани за недолично фрлање на смет од балкони од страна на нивни сограѓани, оставање на смет на места кои навистина не се предвидени за тоа и ред други комунални прекршоци. Сепак од чудни причини кога ќе излеземе на терен, работите земаат поинаков тек. Тогаш никој не знае кој навистина го прекршил законот и секој се повлекува без некого јавно да обвини“, вели Танаскоски.
„Доколку сите сакаме градот да биде чист, треба секој од нас да тргне од себе си и навистина да внимаваме како се однесуваме“, вели Танаскоски. На ова се надоврзува и Сашо Алчев кој апелира до граѓаните на Охрид сметот да го оставаат исклучиво на места предвидени за тоа и во оние денови во кои поминуваат службите на ЈП Комуналец.