Skip to main content

Охрид плански ќе се чисти

Од први септември сите улици во Охрид ќе се третираат по категории. Со тоа се очекува да се зголеми нивото на јавната хигиена, не само во Охрид, туку и во руралните приградски средини.

 |  Билјана Николовска  | 
Нов начин на работа се воведува во ЈП „Охридски Комуналец“. Се очекува, од 1 ви септември да стартува нов систем на категоризација за хигиенски третман на улиците на територија на општина Охрид. Планот е готов и ќе биде презентиран во текот на наредната недела пред управниот и надзорниот одбор, вели првиот човек на „Охридски Комуналец“ Сашо Алчев. Тој додава дека сериозно очекува овој план да успее, како би се подигнала хигиена на повисоко ниво.

„Очекуваме околу 60% од улиците во Охрид да бидат категоризирани во прва и втора категорија, што значи дека или секојдневно ќе бидат миени и метени, или три пати во неделата“, вели Алчев.
Во планот за одржување на јавната хигиена на улици, за прв пат влегуваат и руралните средини. Тие досега беа третирани надвор од планот за одржување на хигиена вели Алчев, но и за нив се изнајде решение.
Добри 40% од улиците досега воопшто не биле категоризирани и хигиената на тие улици се одржувала со акции вели Алчев. Тој додава дека дел од овој процент ќе биде во трета и четврта категорија, некаде 25%, а останатите 15% се улици каде што не можат да поминат специјалните возила и само тие нема да се третираат со планот за одржување на јавната хигиена.