Skip to main content

Завршница на фестивалот „Охридско лето“

Вечерва ќе биде спуштена завесата на 49тото издание на фестивалот Охридско лето.

Мал музички маратон за завршница на годинешното издание на Фестивалот „Охридско лето“.„ Со вчерашните настапи на дуото Суела Мулај од Албанија на виолина, Масимо Палумбо од Италија на пиано, и настапот на светски познатиот пијанист Борис Березовски,  го докажавме високото реноме на фестивалот“, вели Јосифовска. Настапот на Березовски беше закажан за 12ти овој месец, но истиот беше одложен поради здравствени причини на уметникот. Токму поради тоа, тој одлучи, средствата од концертот да ги подари во хуманитарни цели.
Еден од најдобрите пијанисти на светот, Борис Березовски беше доста скромен во своето претставување пред медиумите. Ја пофали убавината на Охрид, од која е воодушевен, и јавно го изрази своето задоволство од можноста да се претстави на фестивалот. „Навистина незнам каде ќе го завршам животот, но навистина би сакал тоа да се случи овде, во Охрид“, изјави Березовски.
Со вечерашниот настап на светски познатиот гитарист – лаутист Един Карамазов, во придружба на европскиот камерен оркестар, завршува годинешново 49то издание на Охридско лето. Карамазов по вторпат настапува на овој фестивал и на сцената на Св. Софија, за која вели дека со своите акустични можности нуди неповторлив звук за инструментот на кој тој се претставува.„ Вечерва ќе настапам со дела од шкотски композитор, кој претставува татко на минимализмот во Америка. Исто така ќе отсвирам концерт од Бах, кој го прилагодив за инструментот лаута и секако неизбежниот Моцарт, кој ќе го отсвирам на електрична гитара“, најави Карамазов.
„На прагот сме на 50то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“ рече дир. Тони Симоновски. „Ќе се трудиме реномето на фестивалот да оди само во нагорна линија, иако сме свесни дека во овој период на светска економска криза, голем број на манифестации ширум светот згаснуваат, што не е случај со нас“, вели Симоновски.
Селекторот на драмскиот дел на фестивалот Ѓорѓи Јолевски, вети дека во иднина ќе се работи на изнаоѓање претстави кои се соодветни на сцените со кои располага Охрид, како и дека ќе бидат преземени активности за изградба на современа театарска зграда, која ќе може да одговори на потребите на Фестивалот.