Skip to main content

„Културна“ средба помеѓу Македонија и Србија

Со цел интензивирање на соработката во полето на културата, денеска се оствари работна средба помеѓу министрите за култура на Реп. Македонија и Реп. Србија.

При официјалната посета која Премиерот Груевски ја оствари минатиот месец на Република Србија, беше потпишана „Спогодба за соработка во областа на културата“ помеѓу двете земји. Понесени од добрата соработка и со желба за продлабочување на истата, денеска работна средба остварија, македонската министерка за култура, г-ѓа Елизабета Канчевска Милевска, нејзиниот заменик Драган Анѓељковиќ и  министерот за култура на Република Србија г-дин Небојша Брадиќ. „ На денешната средба се договаравме за интензивирање на соработката помеѓу нашите земји на полето на културата“, изјави Канчевска Милевска.„ Заштитата на културното наследство помеѓу нашите земји, има големо значење и за двете страни. На ова поле наидуваме на силна поддршка од Србија. Секако, најзначајно место во денешните разговори завзеде отворањето на „Културно информативни центри“, кои нудат повеќе можности за тековите на нашата понатамошна соработка“, рече министерката.

„Имавме мошне успешен работен ден, кој резултираше со искрени настојувања за зближување на полето на културата помеѓу нашите земји“, рече министерот на Реп. Србија Небојша Брадиќ. „Театарската сцена, музичката уметност, фестивалите „Охридско лето“, „Струшките вечери на поезијата“ се во нашиот фокус“, додаде тој.„ Филмот е поттик за заедничка копродукција помеѓу нас, а саемот на книгата е темелот на пишаниот збор. Меѓутоа, сепак, основата за продлабочување на нашата соработка се темели на постојаното информирање во областа на културата од двете страни“, рече Брадиќ.
„Од денешната средба можеме да заклучиме дека во нашата соработка голема улога имаат уметниците, а ние само даваме логистичка поддршка, креираме идеи. Можеме да заклучиме дека поврзувањето помеѓу нас, не е само билатерален интерс, туку е од големо значење за регионот и Европа“, изјави министерот Брадиќ.