Skip to main content

Го нема ракот во езерските води

Популацијата на ракот е од голема важност за еко системот на Охридското езеро. Паразитската болест што во 80 тите години го нападна ракот речиси во цела Европа, не го поштеди ниту Охридскиот вид.

 |  Билјана Николовска  | 
Пред три години, од страна на група истражувачи на Хидробиолошки завод, изготвен е билатерален проект за вештачко размножување на ракот. Проектот под име „Ориентациона ревитализација на ракот во Охридското езеро“,  не е прифатен од страна на министерството за образование и наука. До ден денес, од Хидробиолошки завод, не ги знаат причините за ваквиот индолентен однос од надлежното министерство.

Во проектот била вклучена екипа од институтот за слатководно рибарство Пловдив, со цел истиот да подлежи на научно истражувње, вели Трајче Талевски од Хидробиолошки завод Охрид.
Ракот во 80 тите години беше изгубен речиси во цела Европа, велат експертите. Тоа се случило поради паразитската болест што допринела 90% од популацијата на ракот да биде уништена, додаваат тие. Жалосно е што во Македонија, и покрај напорите на Хидробиолошки завод Охрид, истиот да се врати, досега не е ништо превземено, вели Талевски.
Присуството на популацијата на ракот е од  голема важност, бидејќи тој се смета како регулатор на состојбата со отпадните материи во водите на езерото и другите водни површини, велат од Хидробиолошки завод. Од таму додаваат дека природното враќање на ракот оди многу бавно. Во моментов, тој може да се забележи на длабочина од 10-15 метри, што тоа не било случај и порано кога ракот бил присутен во плитките делови на езерото. Причините зошто е тоа така засега се непознати за науката, велат експертите. Единствено што може да се каже во прилог, е дека животните ја чувствуваат опасноста и затоа се повлекуваат, додаваат тие.