Skip to main content

Кој сака да биде директор?

Дали дојде времето за наплаќање на политичките сметки, направени за време на годинешниве локални избори.

 |  Николовска Биљана  | 
logo
лого

Дали дојде времето за наплаќање на политичките сметки, направени за време на годинешниве локални избори.

Деновиве две директорски места се во фокусот на вниманието на градов – за ЈП „Охридски комуналец“ и   ОСУ„ Св. Климент Охридски“.

ТВМ дознава дека во четвртокот, на последниот состанок на општинскиот огранок на СДСМ, потесното партиско раководство вршело притисок врз градоначалникот Петрески за именување на директор на ЈП „Охридски Комуналец“. Од него било барано тоа да биде член со партиска книшка од СДСМ. Од општинската, а и од централната СДСМ како прв човек на Комуналец го протежираат Игор Блажевски. Познато е дека Сашо Алче, сегашниот В.Д. Директор, не е прифатливо решение за матичната партија на Петрески од причина што, ниту е член на СДСМ, ниту ги застапува нивните интереси.

Од друга страна пак, Алче важи за  доста  близок човек на градоначалникот, кој за време на изборната кампања максимално се ангажирал при собирање на гласови за Петрески, се со цел актуелниот градоначалник да добие уште еден мандат.

Алчев беше соломонското решение, со кое Петрески доби време за да створи можност за задоволување на интересите на Никола Рилкоски, кој  беше еден од сериозните играчи за прв човек на ЈП „Охридски Комуналец“. Но, по распишаувањето на конкурсот за директор во април годинава,  работите отидоа во сосема друга насока. Според извори блиски на нашата куќа, Никола Рилкоски тогаш се откажа од директорската фотеља на Комуналец давајќи му предност на својот син Наум Рилкоски, кој пак уште тогаш  ја безецирал директорската функција во гимназијата „Св. Климент Охридски“. Дали Алче ќе остане на функцијата и по изминување на шестиот месец откако е назначен за ВД директор или пак Игор Блажески ќе седне во директорската фотеља, останува да видиме. Иако Петрески најави назначување на директор во законскиот рок, конкурс за директор сеуште не е распишан и нема најави за истиот.  

Деновиве пак, гласините за Рилкоски се потврдуваат. Градоначалникот, на 30.09 2009 го разреши актуелниот директор на гимназијата Љубиша Машановиќ и веднаш му издал решение за ВД директор на Наум Рилкоски.

ТВМ дознава дека разрешувањето на Машановиќ е последица на прекршување на интерен акт на училиштето, според кој во ова училиште можат да се запишат ученици со минимум 55 бодови. Машановиќ прекршокот го направил така што на последниот уписен рок примил ученици кои што имале и по 40 бодови. Ова било констатирано од Државниот просветен инспекторат, а на барање на Локалната Самоуправа.
По одлуката на градоначалникот за разрешување, не стивнуваат реакциите на членовите на Училишниот одбор при ОСУ „Св. Климент Охридски“, но и на вработените во училиштето. Тие сметаат дека не е испочитувана законската процедура за смена на директор на средно училиште. Спорно за нив е изземањето на Училишниот одбор и Државниот просветен инспекторат, од постапката за рарешување на директорот. Во членовите 92 и 93 од Законот за средно образование, објаснета е процедурата за смена на директор. Во нив, меѓу другото стои дека директорот може да се смени откако ќе се констатира прекршување во неговата работа и ќе се достави мислење до градоначалникот. Мислњње може да биде доставено или од Училишниот одбор или од Државниот просветен инспекторат.

Во случајот со разрешувањето на Машановиќ, констатирана е неправилност во неговото работење, но не е доставено мислење до градоначалникот ниту од Училишниот одбор, ниту од Државниот просветен инспекторат.
За да го слушнеме ставот на разрешениот директор, се обидовме да стапиме во контакт со него. Нашите напори беа безуспешни. Неофицијално дознаваме дека Машановиќ го обжалил решението до Второстепената комисија при владата на РМ, чија одлука ќе биде конечна.

{loadposition content9}