Skip to main content

„Железничка“ најнебезбедна делница

Бројните препукувања околу изградбата на овој потег од магистралниот пат М-5 на релација локална – централна, навидум стивнаа. Но што од тоа?

 |  Николоска Биљана  | 
Zeleznicka
Железничка

Бројните препукувања околу изградбата на овој потег од магистралниот пат М-5 на релација локална – централна, навидум стивнаа. Но што од тоа?

ZeleznickaСкинати гуми, оштетени предници, искривени бандаши и расфрлани раткапни, се дел од последиците што ги трпат возачите заради раскопаната делница и бројните дупки кои месеци наназад никој не ги санира. Засега никој не превзема одговорност за незгодите, кои се позачестени во ноќните часови кога видливоста на патот е намалена.

Жителите од овој дел на градот, и онаа мала надеж дека ќе се санира  „Железничка“, ja изгубиja. Тие потсетуваат надлежните да не ги забораваат ветувањата, бидејќи да се направи оваа делница не е луксуз, туку реална потреба. Тие предупредуваат дека оваа улица претставува секојдневна опасност како за возилата така и за луѓето.

Државниот инспектор за патишта Сашо Здравевски, вели дека пред два дена направен е инспекциски увид во присуство на претставникот на СВР Охрид, Бранко Речкоски. Врз основа на увидот на лице место изготвен е записник при што констатирано е дека коловозот е многу оштетен со голем број ударни дупки кои несомнено влијаат врз безбедноста на сообраќајот и ги оштетуваат моторните возила. Здравевски рече дека во  текот на утрешниот ден точно за овој проблем го очекуваат раководителот на инвестиции за Западна Македонија од Агенцијата за државни патишта. Доколку после записникот не се реагира следува решение за санирање на коловозот, а ако и тоа не се испочитува следува пријава со која оваа делница може да се затвори за сообраќај од безбедносни причини согласно законската регулатива.
Возачите на оштетените возила своите права за обештетување на настанатата штета во овој случај треба да ја бараат од инвеститорот, вели одговорниот на Македонија пат, Лазе Ставревски. Тој додава дека нивната грижа за одржување на патиштата е од моментот кога делницата ќе им биде предадена од страна на инвеститорот после изведените проектни зафати .
Изведувач на проектот за изградба на „Железничка“, е „Alpinebau GMbH“ подружница Скопје, а подизведувач е струшкото градежно претпријатие „Илинден“. Директорот на „Илинден“ Раде Трајкоски за ТВМ изјави дека активностите се стопирани поради нерешените имотно правни односи и заради неизведената атмосверска канализација. Тој потенцираше дека утре во 12 часот во Скопје во Агенцијата за патишта,  Владата отвара нов тендер кој ќе ги опфати сите можни зафати за целосно средување на „Железничка“. Најверојатно после 8 дена ќе започнат дефинитивно активностите на овој потег, додава Трајкоски.
Инаку за овој проблем нашата екипа најнапред се обрати до локалните служби задолжени за патната инфраструктура. Од таму веднаш не преупатија до државните институции со објаснување дека тие немаат никаква надлежност врз оваа делница. Но останува нејасен податокот до кој дојде нашата телевизија. Имено во одобрението за градба на „Железничка“ од 27.07. годинава, општина Охрид поточно одделението за комунален развој се јавува како инвеститор. Со тоа на општината и е префрлена одредена сума средства за комплетно решение на единствената трансверзала во градот на УНЕСКО, на која до ден денес не е воопшто интервенирано.

{loadposition content9}