Skip to main content

Охридски „фастфуд“

Пред платото на гимназија „изникна“ приколка во која се продава храна.

 |  Валентина Нелоска  | 
kiosk
киоск

Пред платото на гимназија „изникна“ приколка во која се продава храна.

kioskГраѓаните  и угостителите реагираат. Се прашуваат кој дозволил поставување на приколката во време кога интензивно се врши  спроведување на Хасап системот за безбедност на храна и се става под лупа работењето на угостителските објекти, посебно во поглед на хигиената. Сопственикот на приколката тврди дека поседува комлетна документација за работа, а локацијата ја добиле од Локалната самоуправа. Началникот на Секторот за урбанизам Бранко Арнаудов потврдува дека  местоположбата ја одобрила тие. На прашањето дали таа постапка е во согласност со Законот за безбедност на храна и Правилникот за минимално-технички услови, тој вели дека сопственикот, на сега поставениот објект, бил претходно предупреден да ги обезбеди сите дозволи за работа. Од Дирекцијата за храна негираат дека од нивна страна е  издадено одобрение за вршење на дејност. Од Општинскиот инспекторат пак,  раководителот Танас Танасоски за ТВМ изјави дека нивните служби извршиле увид и издале решение за отстранување на објектот. Сега, вели Танасоски,  ги чекаме извршителите од Скопје кои треба да го спроведат решението, а е упатено до непознат сторител. Со ова уште еднаш се доведува во прашање комуникацијата помеѓу општинските сектори, посебно релацијата урбанизам – општински инспекторат.
До спроведување на решението, во приколката и понатаму ќе се продава храна и ќе се крши член 22 од Законот за храна, каде што стои дека се забранува промет на храна во подвижни објекти, освен за овошје и зеленчук. Со тоа  продолжува летната приказна, кога низ чаршијата се продаваа крофни и пици на отворено, на локации одобрени од Секторот за урбанизам.


{loadposition content9}