Skip to main content

24 мил. денари за субвенционирање на туризмот

Владата на Р. Македонија за прв пат годинава ќе ги субвенцинира туроператорите кои носат странски туристи.

 |  Тања Маленкова  | 
Donco Taneski
Дончо Танески

OhridВладата на Р. Македонија за прв пат годинава ќе ги субвенцинира туроператорите кои носат странски туристи, истакна министерот за економија Фатмир Бесими. Хотелиерите бараат од министерот да бидат вклучени во изготвувањето на елаборат за признавање на туризмот како извозна гранка.

Хотелската асоцијација на Македонија бара од Министерството за економија заеднички да изготват Елаборат за признавање на туризмот за извозна гранка. На оваа тема разговараа претставници на хотелиерите и министерот за економија, Фатмир Бесими. Доколку се изготви таков елаборат тоа  ќе значи огромно олеснување во работата на туристичките субјекти, сметаат од ХОТАМ.

„ Доколку на туризмот му се признае извозниот карактер, тоа ќе значи дека за сите девизни приливи дојдени во земјата по основ на туризам преку Народна банка да можат правните субјекти да бидат ослободени од плаќање ДДВ“, истакна Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.

Министерот за економија истакна дека Владата со изготвување на правилникот за субвенционирање веќе презела конкретни чекори за поддршка на туризмот.

„Прв пат во Македонија се спроведува директно субвенционирање на туризмот, тоа е еден од најголемите проекти на Министерството во насока на поддршка на таа стопанска гранка. Веќе од буџетот на Министерството за економија за таа намена се издвоени 24 милиони денари, а доколку има потреба ќе побараме дополнителни средства за тој проект”- истакна Бесими, кој најави дека Министерството за економија и во иднина ќе продолжи активно да комуницира со туристичките работници и асоцијации со цел да се подобрат состојбите во туристичката дејност.

Министерството за економија, за годинава како важни приоритети ги има зацртано имплементирањето на Националната стратегија за Туризам 2009 – 2012 и градење на институционална туристичка мрежа и база на туристички податоци.
Од другите помали проекти, Министерството ги издвојува изградбата на проектот „Македонско село“, Студијата за развој на Шарпланинскиот регион со посебен акцент за рекреативниот центар Попова Шапка, потоа проектите “Вински патишта во Македонија”, “Сити лајт” проектот и континуирано поставување на туристички мапи и слично.



{loadposition content9}