Skip to main content

Интересот за згрижување на децата во градинката „Јасна Ристеска“ се поголем

Оваа учебна година во градинката пристигнаа 700тини нови дечиња. Просторот со кој располага оваа институција станува претесен.

 |  Лионела Јаковлева  | 
Од вчера започна новата учебна година и во детската градинка „Јасна Ристеска“. 615 нови дечиња ќе се образуваат и воспитуваат во оваа  предшколска установа, а најавено е запишување на уште 107 деца.
Директорката на оваа установа, Марина Петровска вели дека од година во година бројот на децата кои се згрижуваат во петте објекти со кои располага градинаката е се поголем.

Оваа претшколска установа  врши згрижувачка и воспитно образовна дејност и тоа нудејќи полудневен  и целодневен престој. Во првиот случај вклучен е еден оброк, а во вториот три оброци. Земајќи ги во предвид се поголемите работни обврски на родителите многупати се јавува потреба од воведување втора смена, вели директорката Петровска. Постои идеја да има и една дежурна екипа која ќе ги згрижува децата за време на викендите, но за тоа се потребни нови вработувања. Дали ваквата идеја ќе се реализира зависи од Министерството за труд и социјална политика, додава таа.

Во рамките на градинката функционира и продолжен престој на деца од школска возраст и тоа од 7 до 10 години. Интересот е многу голем. Досега се пријавени 45 деца, но проблем е просторот каде тие се сместени бидејќи станува тесен за да ги прими сите заинтересирани. Поради тоа во иднина локалната и централната власт треба сериозно да  размислуваат за зголемување на просторниот капацитет со кој располага  градинката “Јасна Ристеска“.