Skip to main content

Охрид подготвен за триесеттото издание на Охридскиот пливачки маратон

Оваа сабота за триумф на триесет километарската патека „Климе Савин“,  во рамките на Гран при серијата на ФИНА, своето учество го потврдија 18 пливачи и тоа девет во машка и девет во женска конкуренција.

 |   | 

Во сабота, 20 август, во водите на Охридско Езеро, по јубилеен 30-ти пат ќе се одржи Охридскиот пливачки маратон, дел од гран при-серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА). Организатор на овој голем спортски настан е Пливачката Федерација на РМ, поддржана од Општина Охрид, Агенцијата за млади и спорт и Капетанијата на пристаништата. На Македонија. Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека градот Охрид ги мобилизира сите можни институции надлежни за организација на една ваква престижна спортска манифестација.

„Очекувам како и претходните години и оваа година организацијата да помине во најдобар ред и уште еднаш да се претставиме пред светската пливачка и спортска јавност со една беспрекорна организација и во таа прилика би ги повикал граѓаните на Охрид, гостите и туристите сите оние кои на 20-ти август масовноќе дојдат да дадат поддршка на пливачите на градското пристаниште, да ги дочекаме на целта“, објасни Бакрачески.

Марјан Спасески –Директор на Агенција за млади и спорт истакна дека охридскиот маратон е спортски настан со навистина големо значење, не само за спортската јавност туку и настан кој во голема мерка придонесува за продолжување на летната туристичка сезона во Охрид.

„Влогот на многумина во изминативе триесет години придонесе и градот Охрид и РМ да бидат промовирани на светската спортска и пливачка сцена, оставајќи траен белег во спортот и во таа насока агенцијата за млади и спорт е најголемиот покровител и финансиски поддржувач на оваа манифестација. Од буџетот на агенцијата и годинава обезбедивме 400.000 денари за одлична организација на овој јубилеен 30-ти охридски маратон“ потенцираше Спасески.

Претставникот на Пливачката федерација на Македонија, пливачкиот тренер Јане Карајованов, објасни зошто од година во година се намалува бројот на учесници на оваа престижна спортска манифестација.

„За жал триесеттиот јубилеен маратон се погоди да биде со Олимписките игри, понеделникот и вторникот беа десет километарските трки на олимпијадата и еве веќе втора година по ред бројката на пливачи не е таква каква што бевме навикнати минатите години во Охрид, меѓутоа сепак тоа не ја намалува силината на Охридскиот пливачки маратон и желбата на другите пливачи да настапуваат на него.За жал многу од организаторите на ФИНА на маратони се откажаа, ние заедно со Капри Наполи и маратонот сен Жан во Канада останавме да ја поддржуваме историската вредност на овие маратони“ потенцираше Карајованов.

Стартот на маратонот традиоционално е во 12 часот од Св. Наум, а финишот на 30 километарската трка е на градското пристаниште. Рекордот на маратонот во Охрид му припаѓа на Аксел Рејмонд, постигнат пред две години кога, тогаш 19-годишниот француски маратонец, патеката ја исплива за 5:09:54 часа.

Според бодувањето на ФИНА, победникот на Охридскиот пливачки маратон, покрај паричната награда, ќе добие и 15 бода на своето конто, второпласираниот 11, третиот 9, четвртиот 7, осмопласираниот 3 бода. Секој што ќе го исплива маратонот во предвидениот временски рок до половина час после пристигнувањето на победникот на целта добива два бода. И годинава, наградниот фонд на маратонот во Охрид изнесува десет илјади долари.