Skip to main content

Струга од денес е центарот на светската поезија

Синоќа со традиционалното читање на константиновата Т’га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата започна 55-то јубилејно издание на „Струшките вечери на поезијата“.

 |   | 

Струга деновиве ќе биде вистинска престолнина на поезијата. По официјалното отворање манифестацијата продолжува со Меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“. Изминатите 55 години овој фестивал го слави создавањето на поезијата на повеќе од стотина јазици, на повеќе од петте илјади поети кои настапија во Струга. Педесет и петото издание на фестивалот, според министерката Канческа-Милевска, на најдобар начин го потврдува искрениот придонес на нашата држава во заемното запознавање и почитување на културите и градењето нова димензија на пријателството меѓу народите во светот.

„Струшките вечери на поезијата“ На еден благороден начин го збогатуваат европскиот и светскиот културен простор, ги афирмирааат поетските вредности на сите светски јазици и го глорифицираат универзалниот сон на човештвото кој вели дека поезијата ќе го спаси Светот. СВП се голем триумф на македонската култура и традиција или како што забележа лауреатот Шаламун СВП се стабилна и мудра одлука на македонскиот народ“ истакна синоќа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска .

Престижниот „Златен венец“ на поезијата, беше, и денеска е императив за секој поет бидејќи го потврдува неговото место меѓу најголемите светски поетски пера.Мите Стефоски директорот на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ истакна дека ќе останат посветени на трајната определба дека Фестивалот треба постојано да се менува и развива, да се прилагодува и да се сообразува со се што го чини или ќе го чини современото живеење, еднакво како што се менува животот, медиумите, начинот на кој комуницираме.

„Оваа година 32 исклучителни поетски творци од 30 земји, и околу дваесетина од Македонија ќе имаат можност да го презентираат своето творештво на Фестивалот. Уверени сме дека она што ќе го понуди овогодишната програма ќе биде атрактивно и провокативно за фестивалската публика. Од друга страна, низ преводот на нивното творештво објавено во овогодинешната издавачка продукција, во македонската книжевност ќе останат трајни траги од ова издание на Фестивалот“, истакна Стефоски.

Годинашниот лауреат Кандската писателка Маргарет Атвуд која не присуствуваше на официјалното отворање преку видео порака се заблагодари за наградата. Изрази жалење што неможе да присуствува, но рече дека духовно е со нас. Добитничката на златниот венец се заблагодари што нејзината поезија е преведена на македонски јазик.„Златниот венец“ на Марагрет Атвуд ќе и биде врачен во недела на традиционалното поетско читање „Мостови“. Во изминатите 55 години на СВП учествувале над 5.000 поети од сите континенти. Струга по 55-ти пат ќе биде престолнина на поезијата, а фестивалот ќе се одржува пред Домот на поезијата и на отворени сцени во Струга. Истовремено поетски читања, „Поезија на пат“ ќе има и во Охрид, Ресен, Битола и Скопје. На 55 Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 32 поети од 30 земји и дваесеттина од Македонија.