Skip to main content

Охридските ракометари подготвени за претстојниот натпревар против екипата на Прилеп

Во седмата рунда од Супер лигата Гладијаторите ќе се обидат да ја задржат добрата серија, но ќе се соочат со незгоден противник. Поддршката на публиката е секогаш еден од најважните фактори за успех.

 |   | 

Во седмата рунда од Супер лигата Гладијаторите ќе се обидат да ја задржат добрата серија, но ќе се соочат со незгоден противник. Поддршката на публиката е секогаш еден од најважните фактори за успех.

Охридските ракометари покажаа дека поседуваат капацитет да се носат со најдобрите. Оваа сабота на домашен терен во спортската сала „Биљанини извори“ со почеток во 18 и 30 часот, за противник ја имаат ракометната екипа на Прилеп. Голманот, Благојче Трајкоски, истакна дека напорната работа и вербата во себе веќе дојдоа до израз.

„Не се случајни тие добри резултати со тој несреќен пораз со „Работнички“, кој цело време го споменуваме и ни стои како црна точка, но и со “Пелистер“ многумина не отпишаа минатото коло извадовме нерешено, но и таа утакмица можевме да ја добиеме, но можевме и да ја изгубиме“ вели Трајкоски.

Атмосферата во клубот е на високо ниво, а играчите се убедени дека се фаворити во секој од натпреварите од Супер лигата а дека и овој пат играта на домашен терен ќе биде во нивна корист.

„Што се однесува до тој дерби натпревар, мислам дека клучно би било секој од играчите да го даде својот максимум, да се извршат задачите кои ќе ни бидат зададени од страна на тренерот и мислам дека не би требало да има никакви проблеми. Ние сме фаворити и на наш терен, сметам дека ќе ја оправдаме довербата“ оптимист е Коветиќ.

„Мислам дека единствено треба да останеме сите здрави, од натпревар во натпревар сме се подобри и подобри, тренираме и работиме напорно, а преку резултатите се гледа дека од натпревар во натпревар сме се подобри и се надевам дека до крај на сезоната ќе достигнеме некаков максимум“ вели Кежиќ.

Охридските ракометари потенцираа дека повеќе од потребна е поддршката на охридската публика и повикаа на масовна посетеност. Цената на билетот за натпреварот портив Прилеп чини 30 денари.

Покрај дуелот Охрид – Прилеп во седмата рунда ќе се сретнат Металург 2 – Вардар Јуниор, Работнички – Пролет, Радовиш – Еурофарм Работник, Борец – Пелистер.