Skip to main content

Нови апсења во Британија, опасноста од нов терористички напад присутна

Британски војници ќе бидат распоредени за да ѝ помагаат на полицијата да ја одржи безбедноста, рече британската премиерка Тереза Меј по вториот итен состанок на одборот Кобра за реакција во кризни ситуации.

 |   | 

Британски војници ќе бидат распоредени за да ѝ помагаат на полицијата да ја одржи безбедноста, рече британската премиерка Тереза Меј по вториот итен состанок на одборот Кобра за реакција во кризни ситуации.

Земјата го крена нивото на закана од тероризам на највисокиот, „критичен“ степен, по нападот на бомбашот-самоубиец во Манчестер, во кој загинаа 22 лица, вклучувајќи и деца.

Меј рече дека припадници на вооружените сили ќе бидат распоредени на клучни локации за да ја ослободат полицијата од патролирање, а војници би можело да бидат распоредени и на јавни настани како концерти и спортски настани, бидејќи се смета дека потенцијално непосредно се заканува нов напад.

Меј рече и дека независното тело што го определува нивото на закана препорачало тоа да се качи на „критично“ веднаш откако човекот кого полицијата го именува како Салман Абеди предизвика експлозија со импровизирана бомба ноќта во понеделникот додека публиката излегувала од концерт.

Меј, која треба да излезе на националните избори на 8 јуни, рече дека се спроведува истрага дали напаѓачот Салман Абеди дејствувал сам, но дека е веројатно дека не бил сам.

Уште три лица денеска се уапсени во јужен Манчестер во врска со терористичкиот напад во понеделникот. Полицијата сега држи во притвор вкупно четири лица во врска со нападот.

23-годишен маж беше уапсен во вторникот и останува во притвор. На снимка што се појави на интернет може да се види како полицајците апсат човек пред супермаркет во предградието Чорлтон во вторникот наутро.

Вооружени полицајци упаднаа во два стана и една куќа во областа, кои сега се истражуваат од форензичари. За да влезат во куќата, полицајците во вторникот употребиле контролирана експлозија.

Дваесет и две лица загинаа, а шеесетина се повредени во понеделникот вечерта во напад на Манчестер арената за време на концертот на поп-ѕвездата Аријана Гранде.