Skip to main content

Охридските стрелци изоставени од меѓународните натпревари

Само Македонската спортска стрелачка федерација нема никаков слух за охридските стрелци, иако тие во континуитет бележат солидни резултати.

 |   | 

Само Македонската спортска стрелачка федерација нема никаков слух за охридските стрелци, иако тие во континуитет бележат солидни резултати.

Имено, нашите јуниорки кои се на првите три позиции во државата, од страна на федерацијата не се пријавени на ниту еден меѓународен натпревар, па единствено што ни преостанува е да бидат пријавени од страна на клубот на исклучително јаки меѓународни Турнири и Купови каде настапуваат врвни спортисти и олимпијци, а од кои едниот се наоѓа и на официјалната листа на натпревари на меѓународната спортска стрелачка федерација. Имено, викендов во Смедерево, Р. Србија се одржа Валтер Куп, со учество на рекордни 200 стрелци, 37 екипи од 8 земји, а на кој учество зеде и нашата јуниорка Анастасија Мојсовска, пријавена од страна на нашиот клуб и која во дисципината воздушна пушка на првиот ден од настапот го испука својот личен рекорд на електронски мети од 403,9 кругови, пласирајќи се на 17-тата позиција од вкупно 39 натпреварувачки во категорија до 16 години.

Воедно овај резултат, доколку биде испукан на некој квалификационен натпревар би значел и минимална олимписка квота со речиси над 19 кругови повеќе, а која за младинска олимпијада изнесува 385,0 кругови. И вториот ден Анастасија се натпреваруваше во категорија на јуниорки до 20 години, па со резултат од 402,5 кругови, таа ја зазеде 29-тата позиција од вкупно 44 натпреварувачки. Инаку, за Анастасија ова е трет настап на електронски мети, кои за жал во нашата држава сеуште ги нема и покрај сите напори на нашиот клуб истите да бидат набавени, но федерацијата не сака да напише званично барање до МОК, од проста причина што метите кои се воедно и преносливи, би биле монтирани на стрелиштето во Охрид, а не во Скопје. Од ваквата политика на федерацијата штета трпат најмногу стрелците, па би било добро надлежните инспектори од областа на спортот, да превземат мерки за надминување на ваквите нерегуларности. За една недела, повторно со апликација на клубот, Анастасија треба да настапи на Интернационалното првенство на Белград, Гранд При и Гранд Трофи (останатите две поради обврски со студирањето,не се во можност да настапат), а два дена подоцна, со своите клупски колешки и на силен меѓународен Турнир, во Пловдив, Р.Бугарија.Во меѓувреме пак, во петокот на 24.11.2017 на стрелиштето Бејбунар во Охрид, а во организација на стрелчки клуб ,,Охрид,, и Федерацијата за училишни спортови на Македонија се одржа Државно првенство во стрелаштво за основни и средни училишта, каде нашите пионери-ки и јуниорки, повторно се закитија со медаљи.

Во женска конкуренција, од средни училишта, Јована Милевска беше второпласирана со резултат од 163 кругови. Кај основките пак, Марија Вангеловска со резултат од 170 кругови, истотака се пласира на втората позиција, додека пак нашиот најнов член, Ива Маленко, ја зазеде третата позиција со резултат од 166 кругови. И кај машките од основните училишта, Никола Спироски со резултат од 163 кругови се пласира на третата позиција. Сите три девојки ќе можат да аплицираат за стипендија која ја доделува Министерството за образование и наука, на ученици кои постигнале резултати на натпревари, а воедно се и одлични ученици, стои во соопштението од Стрелачкиот клуб „Охрид“.