Skip to main content

Две изложби и концерт на камерна музика вечерва на „Охридско лето“

Вечерва во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето, на неколку локации низ Охрид со почеток во 20 часот ќе биде поставена Јубилејна изложба посветена на 30 години од творештвото во Охрид на академскиот сликар Стефан Хаџи-Николов – Масло на платно. Во 19 часот пак, во центарот за култура „Григор Прличев“, Амбасадата на Народна република Кина во Македонија, организира изложба на фотографии на која учествуваат сите граѓани кои ја имаат посетено Н. Р. Кина. Фестивалската вечер продолжува во катедралната црква Св. Софија во 21 часот со коцерт на квартетот „Асасело“.

 |   | 

Две изложби и концерт на камерна музика вечерва на „Охридско лето“. Во рамки фестивалската програма на неколку локации низ Охрид со почеток во 20 часот вечерва, ќе биде поставена Јубилејна изложба посветена на 30 години од творештвото во Охрид на академскиот сликар Стефан Хаџи-Николов – Масло на платно.Стефан Хаџи-Николов самостојно изложувал 75 пати во Скопје, Охрид, Солун, Истанбул, Анкара, Софија, Пловдив, Варна, Белград, Ниш, Приштина, Лондон, Париз итн.

Оваа изложба ќе биде негово осмо самостојно претставување во Охрид одбележувајќи 30 годишен јубилеј од првата самостојна изложба во Охрид. Изложувајки 8 пати во Охрид, сликарот успеал да се претстави со повеќето свои творечки периоди. На изложбата се претставува со фигуративни и не фигуративни слики и за прв пат го слика градот Охрид, неговата околина со еден специфичен ликовен израз.

По повод 70 години од формирањето на Народна Република Кина пак, Амбасадата на Н. Р. Кина во Македонија, организира изложба на фотографии во центарот за култура со почеток во 19 часот. На изложбата ќе бидат изложени фотографии од граѓани кои ја имаат посетено Н. Р. Кина. Изложбатаќе биде поставена во Скопје, Охрид, Битола и други места низ Македонија и има за цел да ја претстави природата, историјата, развојот и промените во Кина, како и пријателството меѓу Кина и Македонија, преку ретроспективата на македонските граѓани. Многу од авторите на фотографиите од изложбата или студирале, работеле или ја посетиле Кина. Фотографиите ќе бидат тематски распределени во четири категории: „Природата и природните богатства на Кина“, „Историски и културни знаменитости во Н. Р. Кина“, „Кинеските градови и нивните значајни обележја“,„Животот на луѓето во Кина“. Иницијативата за оваа изложба како и нејзината организација е на Амбасадата на Н. Р. Кина, Општина Охрид и Охридско лето.

Фестивалската вечер продолжува во катедралната црква Св. Софија во 21 часот со коцерт на квартетот „Асасело“. Ростислав Кожевников, и Барбара Штрајл на виолина, Јустина Шлива на виола и Тееми Мјоханен на чело кои го сочинуваат квартетот „Асасело“, формиран во Базел во 2000 година, уште додека неговите членови биле студенти на отсекот за камерна музика на тамошниот факултет. Преку различни награди и спонзорства, квартетот успева да развива проекти и да создава музички пријателства со бројни уметници меѓу кои: Кристоф Дежардин (Париз), Хаим Тауб (Тел Авив), Јурген Геизе (Салцбург) и Дејвид Алберман (Лондон). Ансамблот добива значајно уметничко водство работејќи заедно со некои од најзначајните композитори на нашето време: Томас Адес, Александра Грука, Михаел Џарел, Хелмут Лахенман, Хајнц Марти, Сергеј Невски, Матијас Пинчер, Волфганг Рим, Каја Саријахо и др. Во 2016 година квартетот ги сними сите квартети на Арнолд Шенберг со сопранот Ева Реш за издавачката куќа Џенуин (Genuin). Во текот на оваа 2019 година ќе го изведат целиот циклус квартети на Шенберг во Келн, а се враќаат и на „Бетовенфест“ во Бон со нов танцов проект од Стефани Тирш.