Skip to main content

Првиот првак на Англија конечно го сруши проклетството

Од првиот до десеттиот обид поминаа долги 26 години

 |  инфодеск  | 

Првиот англиски првак и првиот победник на ФА купот на Англија, Престон, од следната сезона ќе игра во Чемпионшип (втора лига на Англија) откако во мајсторката за пласман на Вембли славеше против Свиндон со 4-0.

Престон е клуб кој доаѓа од северозападот на Англија, Ленкшир, а основани се во далечната 1888 година и најпознати се по тоа што во таа година го освоиле првото првенство на Англија, а во истата сезона и ФА купот. Тоа го направиле на импресивен начин без примен гол и во историјата влегоа како клуб кој прв ја освоил двојната круна.

Актуелниот момент на Престон не е како во далечната 1888 година, но вербата во подобри денови ја донесе неделниот натпревар. Откако не успеаа да изборат директен пласман во Чемпионшип, мораа да одат во разигрување со Свиндон на Вембли каде го демолираа со 4-0. Јунак беше 31 годишниот напаѓач на позајмица од Лидс, Џермејн Бекфорд кој постигна хет-трик додека четвртиот гол го постигна стоперот Пол Ханингтон.

На тој начин е тргнато едно проклетство на Вембли и мајсторка која во девет наврати не им успеваше. Имено, во последните 26 години на тој култен стадион, Престон губеше шест пати во полуфиналиња и три пати во финалиња на бараж натпревари, а ова воедно им е прва победа на Вембли уште од 1938 година кога го освоија вториот ФА куп.

Престон своите натпревари ги игра на стадионот Дипдејл (капацитет 23.404 гледачи), менаџер им е малку познатиот Сајмон Грејсон, а првата цел следната сезона е да не испаднат од Чемпионшип.