Skip to main content

Русија исфрлена од Евробаскет?

Русија е суспендирана од сите натпревари под знакот на ФИБА

 |  инфодеск  | 

ФИБА не се шегува, репрезентацијата на Русија е исклучена од сите натпреварувања под патронат на светската куќа на кошарката.

Веста од кошарката која одекна во светот е дека Русија е суспендирана од сите меѓународни натпреварувања, што практично значи дека Зборнаја нема да ја гледаме на претстоечкото Европско првенство.

Информацијата ја потврди Сергеј Чернов, претседателот на кошаркарскиот сојуз на Русија, но и член на извршното биро на ФИБА.

“Фиба прати писмо во нашиот сојуз, во кое пишува дека Русија не се наоѓа на листата членови на ФИБА. Мораме да размислиме како ќе ја решиме оваа ситуација, дури под знак прашање е и учеството на Олимписките игри”, рекол Чернов.

Како повод за ваква драстична одлука руските медиуми наведуваат дека е тоа што во 2013 година судот во Москва се мешал во работата на сојузот кога се одржуваа вонредните претседателски избори.

Да потсетиме, Русија на Евробаскетот требаше да се натпреварува во групата А, со селекциите на Франција, Босна и Херцеговина, Финска, Полска и Израел.

Сепак, “Sportando” наведува дека Русите би можеле да заиграат на ЕП, доколку оваа ситуација се реши во догледно време.