Skip to main content

Нов голем скандал го тресе италијанскиот фудбал

Под истрага, меѓу другите, се челниците на Милан, Наполи, Палермо и Лацио

 |  инфодеск  | 

Државното обвинителство на Италија покрена истрага против 64 лица и повеќе од 30 клубови во Италија од Серија А и Серија Б поради затајување на данок во склоп на аферата Fuorigioco (офсајд).

Како што наведуваат италијанските медиуми под истрага се наоѓаат челниците на Милан, Наполи, Палермо и Лацио, како и низа од поранешни, но и сегашни фудбалери. Обвинителството во Неапол веќе издало наредба за заплена на имот во вредност од 12 милиони евра.

Под сомнение за затајување на данок се потпретседателот на Милан, Адриано Галиани, претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, претседателот на Лацио, Клаудио Лотито, претседателот на Палермо, Маурицио Зампарини, поранешниот претседател на Јувентус, Жан Клод Бланк и менаџерот Алесандро Моџи, син на поранешниот извршен директор на Јувентус и главниот актер во аферата Calciopoli Лучиано Моџи.

Управите на овие клубови одбиле да ги коментираат наводите на италијанскиот печат, а медиумите пишуваат дека осомничените се прават луди и дека немаат појма за целиот случај.

Меѓу активните играчи кои се на црната листа најпознати се Езекиел Лавеци, Герман Денис, Чиро Имобиле, Морган Де Сантис, Антонио Ночерино и Адриан Муту како и пензионерите Ернан Креспо, Диего Милито, Никола Легротаље, Масимо Одо…

Да потсетиме, во 2006 година Апенинскиот полуостров го тресеше голема афера, наречена Calciopoli, околу местење на резултати на натпревари со помош на судии. Тогаш најлошо помина Јувентус кој беше исфрлен во Серија Б и му беа одземени шампионските трофеи од 2005 и 2006 година, а виновни беа прогласени и Милан, Фиорентина, Реџина и Лацио.