Skip to main content

Подвиг кој го сврте вниманието во светот

Срушен е рекордот на Мајкл Џонсон на 400 метри стар 17 години

 |  инфодеск  | 

Јужноафриканецот Вејд Ван Нијкерк го освои насловот олимписки победник на 400 метри во Рио де Жанеиро, а во финалето постави нов светски рекорд со време 43.03 секунди и за 15 стотинки го сруши 17 години стариот рекорд на Американецот Мајкл Џонсон.

За каков резултат се работи зборува и реакцијата на најголемата атлетска ѕвезда на денешницата Усеин Болт каде камерата го фати со реакција на неверување кога беше објавен резултатот на трката од 400 метри. Едноставно не можел да поверува.

Подоцна искрено му честитал на Ван Нијкерк (24) кој во финалето трчаше израмнет со Кирани Џејмс од Гранада и Американецот ЛаШон Мерит, но тогаш успеа додатно да забрза и целната линија да ја помине во неверојатно време на нов светски рекорд.

Досегашниот најдобар резултат на Ван Нијкерк на 400 метри беше 43.48 кој го трчаше во финалето на минатогодишното светско првенство во Пекинг кога исто така освои злато.

До среброто стигна Кирани Џејмс од Гранада кој го бранеше златото од пред четири години во Лондон со време 43.76, додека бронзата му припадна на ЛаШон Мерит со време 43.85.