Skip to main content

Незапирливиот Усеин Болт на чекор до историја

Ако успее во последната мисија ќе се изедначи со легендите во атлетиката

 |  инфодеск  | 

При слаб дожд, Усеин Болт во финалето на 200 метри го повтори резултатот од полуфиналето (19.78) што му беше доволно за уверлива победа. Никој од конкурентите не се спушти под 20 секунди, а на најдобриот светски спринтер на сите времиња најмногу му се доближи Канаѓанецот Андре Де Грас (20.02) и Французинот Кристоф Ламетр (20.12) кој го осветли образот на европскиот спринт освојувајќи бронза.

Американците повторно останаа без медал, како и во Лондон, каде Јамајчаните го покорија светот освојувајќи ги сите три места на победничиот пиедестал. Во Рио го оставија Болт сам во финалето, но ќе мораат да му помогнат да ја отствари зацртаната цел на овие игри и по трет пат по ред да го освои олимпиското злато во штафетата 4х100 метри.

Ако успее во последната мисија, Болт ќе се изедначи по бројот на олимписки злата (9) со легендите и најуспешни олимпијци Американецот Карл Луис и Финецот Паво Нурми.