Skip to main content

Мурињо “запали оган” пред најголемото дерби во Англија

Дали новата психолошка игра ќе му се удри од глава на Мурињо

 |  инфодеск  | 

Вечерва на распоредот е дербито на најтрофејните клубови во Англија и иако не се во фаворитите за освојување на титулата двобојот на овие два клуба секогаш привлекува огромно внимание. Причина повеќе лежи во фактот дека оваа година менаџер на црвените ѓаволи е Жозе Мурињо, кој не пропушти да ја одигра својата психолошка војна пред натпреварот.
Само ден пред големото дерби Мурињо во разговор со новинарите го исмеа германскиот менаџер на клупата на Ливерпул Јирген Клоп и неговиот начин на водење на клубот. Клоп толку се соживува на секој натпревар и вон својот тренерски простор трча, скока, вика, мафта со рацете…
“Јас сум овде да ја водам екипата, а не да мафтам со рацете во воздух”, изјавил Мурињо на конференција за новинарите.
“Љубовта” меѓу Мурињо и Клоп се разви уште во 2013 година кога германецот како тренер на Борусија Дортмунд го исфрли Реал Мадрид во полуфиналето на Лигата на шампиони. Нивното ривалство продолжи и минатата сезона кога Клоп уште еднаш ја порази екипата на Мурињо, Челзи во вториот дел на премиерлигашката сезона.
Ова е само продолжеток на приказната од минатата недела кога Мурињо ја прозва одлуката на Англискиот фудбалски сојуз да го именува Ентони Тејлор за судија во вечерашниот натпревар, кој е од Манчестер.
“Мислам дека господин Тејлор е многу добар судија, но мислам дека некој намерно врши притисок на него и дека во таа ситуација ќе биде тешко да се одработи добар натпревар”, рекол Мурињо, а неговата изјава се најде под истрага на FA.
Навивачите на Ливерпул, исто така, се жалеле на таа одлука, поготово ако се знае статистиката на Тејлор кога му суди на Манчестер, а кога му суди на Ливерпул. Во 14 дуели, колку што овој судија им ја делел правдата, Манчестер славел во 10 и добил само 16 жолти картони, додека во 22 средби на кои судел на Ливерпул, црвените победиле само во 12, а Тејлор им доделил 36 жолти и еден црвен картон.
Дали новата психолошка игра ќе му се удри од глава на Мурињо или ќе успее во својата намера да го исфрли од такт темпераментниот Клоп ќе дознаеме вечерва во 21 часот кога започнува натпреварот на Енфилд.