Skip to main content

Емоции и солзи на првиот натпревар на Чапекоенсе по авионската несреќа

На сопругите и членовите на семејствата на настраданите доделени им се медаљи

 |  инфодеск  | 

Чапекоенсе го одигра првиот натпревар по стравичната авионска несреќа во Колумбија минатата година во која загина речиси целата екипа.

Чапекоенсе во пријателски натпревар ремизираше (2-2) со актуелниот првак на Бразил Палмеирас.

На стадионот Арена Кона се собраа 20.000 гледачи, а емоциите со солзи надојдоа кога на стадионот излегоа преживеаните играчи и работници во клубот со своите семејства. Навивачите скандираа “Vamos Chape”. Емоциите достигнаа кулминација кога на тревникот излегоа преживеаните играчи Алан Рушел, Хелио Нето и Џексон Фолман и ги примија медаљите и пехарот на Судамерикана. На сопругите и членовите на семејствата на настраданите, исто така, им беа доделени медаљи.

“Сé помина во најдобар ред, а најважно е што бевме заедно со навивачите”, изјави еден од новодојдените играчи во клубот Велингтон Паулиста.

Несреќата ја преживеаја само седум патници, а 71 загинаа од кои многумина беа играчи, работници во клубот и новинари кои ја следеа екипата на првиот натпревар од финалето на Купот Судамерикана со колумбијската екипа Атлетико Национал од Меделин.

Јужноамериканската фудбалска федерација (CONMEBOL) го прогласи Чапекоенсе за победник на Купот Судамерикана за 2016 година.