Skip to main content

ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА И САНАЦИЈАТА НА ДЕЛ ОД КУЛТУРНИОТ ДОМ ВО ЗЛЕСТИ

Во Злести отпочнаа градежните работи околу реконструкцијата и санацијата на дел од Културниот дом во Злести.

 |   | 

Согласно договорот за изведување на градежните работи предвидено е да се изврши санација на дел од Културниот дом во селото Злести, каде ќе се изврши, замена на кровниот покривач, целосна замена на надворешната столарија од објектот, изведување на нова армирано бетонска плоча, обработка на внатрешните ѕидови, изведба на нов спуштен плафон и замена на електричната инсталација во тој дел од објектот.

Со реконструкцијата и предавањето во употреба на овој простор од Културниот дом жителите на селото Злести, ќе добијат простор каде што ќе можат меѓусебно да се дружат, да организираат разни манифестации, средби и состаноци. Домот на културата ќе можат да го користат месната заедница, разни здруженија, младите, спортските друштва, односно сите што ќе имаат потреба за тоа.

Целта на оваа инвестиција е создавање на услови за подигнување и развој на културниот живот во Злести и обезбедување простории за сместување на разни таргет групи и активности поврзани со потребите на жителите, потенцираше Градоначалникот Трајкоски при посетата.

За реконструкцијата и санацијата на овој дел од културниот дом, обезбедени се средстава од буџетот на Општина Дебрца со износ од 538.000, ден денари со пресметан ДДВ.

По завршувањето на првата фаза од санацијата и реконструкцијата на Културниот дом во Злести, ќе се пристапи кон реализација на втората фаза која опфаќа целосна реконструкција на Културниот дом. Финансиската конструкција за реализација на втората фаза ќе биде обезбедена од Бирото за регионален развој – Скопје во соработка со Општина Дебрца.