Skip to main content

Порака Нова го одбележа Светскиот Ден на Дауновиот Синдром

Симболиката на датумот 21 март кога се одбележува Светскиот ден на лицата со Даунов Синдром не е случајна, таа е посветена на 21 хромозомски пар кој го предизвикува овој синдром. Порака Нова и годинава традиционално го одбележа овој ден и побараа поголема инклузија на овие лица во општеството.

 |  Николоска Биљана  | 

Децата со Даунов Синдром сакаат да играат, да имаат пријатели и да бидат вклучени во општествениот живот. Денес 21 март кога се одбележува Светскиот Ден на Дауновиот Синдром, штитениците од Порака Нова, Струга, традиционално и годинава симболично го одбележаа. Тие изутрина низ струшката чаршија и угостителските објекти поделија флаери со едукативна содржина за се она што треба да се знае за овој синдром. Денес во посета на Порака нова беше струшкиот градоначалник Мустафа Забзун.

„Овие деца не се ментално болни, туку ментално предизвикани и си имаат свои функции во општеството. Сакам општеството да не ги анатемиса туку да им пружи топлина на овие деца да се вклопат во сите делови на општеството и животот воопшто

Анита Гагоска Шутиноска, секретарот на Порака нова вели дека денес спровеле една успешна активност, нагласувајќи дека кај сите треба да проработи свеста за прифаќање на луѓето кои се соочуваат со оваа состојба која не е болест .

„Од самиот настан денеска видовме дека има уште многу да се работи има некои луѓе кои едноставно не прифаќаат, некои дури не сакаа и флаер да земат…но сепак со тек на време сите овие години што работиме луѓето не препознаваат и свесни се што значи Дауновиот Синдром и интелектуална попреченост“

Претседателот на Порака Нова, Соња Маџоска, вели дека денес многу е направено на полето на рано откривање на Дауновиот Синдром уште додека бебето е во утробата на мајката, но медицината на тоа поле напреднали и многу повеќе.

„Тоа е тестот Нифти, кој што има 99% точност и открива голем број на синдроми и генетски пореметувања, исто така го открива и Дауновиот Синдром многу често и многу мајки се одлучуваат да го направат тој тест, бидејќи после третата недела од бременоста може да се направи и со голема сигурност може да се открие Дауновиот Синдром

Игор од Радожда струшко, беше многу комуникативен. Работи во погон за производство на картони, но исто така низ улиците и институциите го разнесува списанието Лице в Лице. Тој посака камерата на ТВМ да регистрира, како тој му подарува еден примерок од списанието на струшкиот градоначалник.

„Пред телевизијата на ТВМ сакам на градоначалникот да му го подарам нашето списание кои ние го работиме со содржини од образование нашите активности и сл“.

Дауновиот Синдром влијае но не го одредува развојот на личноста. Луѓето кои го имаат овој синдром се уникатни, со сопствени таленти, способности, размислувања и интереси. На секои 700 до 900 случаи мајките раѓаат дете со Даунов Синдром и е застапен кај сите луѓе од било која етничка, расна и социјална популација.