Skip to main content

Стружани побараа трајно решение на проблемот со депонијата

Проблемот со струшката депонија која неколку дена гори и го загадува воздухот, стигна и до градските советници на општина Струга. Граѓаните бараат трајно решавање на овој проблем и одговорните да не го одлагаат тоа повеќе.

 |  Николоска Биљана  | 

Трајно и темелно решение на проблемот со депонијата, побараа стружани. Тие и денес преку спонтан и мирен протест пред општинската зграда ја искажаа нивната загриженост околу проблемот со дивата депонија на влезот од градот која неколку дена гори и од неа се шири чад и неподнослива миризба. Тие понудија решение преку три сегменти, помалку ѓубре, рециклажа, согорување во инцинератор. Билјана Станојчиќ во име на групата истакна дека одговорноста е на општина Струга, односно на Советот и дека под итно треба да реагираат.

„Прво треба да се изгасни пожарот. Мене не ми е јасно како може пожарот да гори и да се ке, не можеме да го изгасниме, голем е или слично. Како е возможно пожар да гори со денови на сред поле и да не биде изгаснат. Потоа има инспекторати, јас точно не ги знам службите, но треба да се направи записник да се види кој е одговорен, зошто е тука депонијата, зошто истата се пали и кои прописи се прекршени“

Својот став околу проблематиката со струшката депонија изнесоа и политичките партии. Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Дејан Пауноски истакна дека доколку надлежните и понатаму го одлагаат решавањето на проблемот, членството на нивната партија ќе го поддржи граѓанскиот протест, се додека истиот не се реши.

„Спремни сме да дадеме предлог во најбрз можен рок депонијата или да се дислоцира или да се реши соодветно со сите критериуми кои се зададени од Министерството а кои што треба да ги спроведе Локалната самоуправа, односно директорот на ЈП Комунално Струга и конкретно градоначалникот.

Од советничката група на струшките социјалдемократи понудија две решенија краткорочно и долгорочно. Претседателот на СДСМ Струга, Даме Ложанкоски смета дека не би требало да се отвораат нови депонии во туристичка Струга.

„Долгорочното решение тгребаше досега да биде реализирано изминативе 8 до 9 години, а тоа е регионална депонија во која што од неколку општини ќе се носи сметот на тоа место. Но заради тоа што граѓаните трпат од депонијата ние предлагаме сметот да се носи во Буково“

Градските избраници денес во врска со проблематиката со депонијата одржаа вонредна седница. Инаку, граѓаните не информираа дека собираат потписи за петиција за трајно решавање на проблемот која ќе ја достават до Министерството за животна средина и просторно планирање.