Skip to main content

Разрешен претседателот на Советот на општина Струга

Струшкиот совет денеска одржа и редовна седница на која на самиот почеток беше разрешен претседателот на светот. Седницата на која беа изгласани сите точки на дневен ред од кои најмногу се однесуваа на легализација на дивоградби ја водеше најстариот советник.

 |  Николоска Биљана  | 

Разрешен претседателот на струшкиот Совет, Абдула Ќазимоски. На негово место како претседавач беше поставен Ристе Ќушкоски. Тоа се случи по предлог дополнување на дневниот ред со точка Разрешување на претседателот на Советот, на денешната седница на Советот на општина Струга, побарана од страна на Муамед Истрефи советникот од ДПА. Абдула Ќазимоски укажа дека со едно вакво предлог барање прекршени биле неколку деловнички прописи согласно статутот на Советот на општина Струга.

„За да се одржи координација за денешната седница, одговорот од администрацијата беше дека истата е одржана на 29. Кој ја свика таа кординација…. прво тоа е срамно, второ ако имаме седница закажана на 6 треба на 7, 8 или 9 да се направи координација. Се газат некои закони. Вие што сакате гласајте, не ми е дојдено до столче. Но едно да знаете сите што се биете во гради за правна држава, системи почитување на закони сите вие ќе ги скршите законите со денешната седница“.

На низа нерегуларности во врска со постапките кои ги практикувал струшкиот совет укажа Ристе Ќушкоски.

„Ќе се даде предлог и ние одма влегуваме во дискусија а предлогот не е изгласан. Ги повторуваме истите работи на седниците и затоа седниците ни траат по два три сати само по усвојување предлог точките а останатите точки кои се на дневен ред ги донесуваме за половина час.

Советниците од ВМРО – ДПМНЕ беа воздржани на предлог точката за разрешување на претседателот, сметајќи дека тоа доаѓа на само еден месец од завршување на нивниот мандат..

„Значи дали бил Абдула уште еден месец претседател на Совет или не бил, не е толку важно во овој момент туку важна е битката во партиите на албанците..тука е единствената работа која што сега се покрена да се разреши претседателот на совет. Неколку пати имаме реагирано и ние дека се крши и деловник и статут за работа“

Правно толкување околу тоа, кој треба да го замени претседателот на Советот на општина Струга, според статутот, даде Зоран Гулициски поранешен секретар на општина Струга и поранешен претседавач на два мандати на Совет на општина Струга. Тој кажа дека правото да ја продолжи седницата му се дава на најстариот член на Советот, односно во овој случај Ристе Ќушкоски, до избор на нов претседател. Седницата продолжи со новиот претседавач на која поминаа сите точки на дневен ред од кои најмногу се однесуваа на легализација на бесправно изградени објекти.