Skip to main content

Слабиот притисок на вода негативно влијае врз туризмот во Струга

Намалениот притисок на вода од градскиот водовод се одразува врз дејноста на струшките хотелско угостителски капацитети, се жалаат туристичките работници. Велат, проблемите допрва следат, а надлежните институции по се изгледа се немоќни да се справат со овој сериозен проблем кој години наназад се провлекува во општината. Поради таквата состојба не само што трпи месното население туку и туризмот, укажуваат дел од нив.

 |  Николоска Биљана  | 

Струга и оваа туристичка сезона со слаб притисок на вода. Преку ден може да се начека по некој млаз, додека пак во вечерните часови се случува и воопшто да нема. Овој проблем кој неколку години се провлекува, сериозно влијае врз туризмот, опоменуваат струшките хотелско угостителски работници. Науме Угреновиќ, менаџерот и сопственик на Монтенегро Струга, вели дека странските туристи изразуваат поголем револт.

„Посебно кај странските гости не можеме да се оправдаме, за нив малку е чудна таа појава сабаје рано наутро нема вода. Ние се правдаме дека тоа не е до нас бидејќи очекуваат топла вода и мислат дека нема објектот. Но им кажуваме дека е до градскиот водовод, имаат разбирање….но реагираат негативно

Маир Мифтари, струшки угостител вели дека во Струга има вода колку сакаш, но не и во чешмите од градскиот водовод.

„Слушам дека се злоупотребува водата од страна на народот. Јас неверувам дека народот е причина за тоа, туку напротив луѓето кои седат на клучните места и еднаш треба да го решат овој проблем. Јас за себе сум го решил проблемот со вода, се снабдувам со хидрофор

Секојдневно добиваме поплаки од граѓаните вели Фисник Бектеши. Додава дека проблемот со намалениот притисок е евидентен и неколку години наназад присутен.

„Од кога паметам секое лето во Струга има проблем со водата, во градот има мал притисок, но во селата проблемот е поголем и речиси и да нема вода. Во мојов објект има вода но со помал притисок, но во повисоките објекти не скоро и да нема притисок. Јас имам и хидрофор

Проблмот со намалениот притисок на вода во струшко , најмногу го чуствуваат граѓаните. Тие се револтирани на надлежните, велат дека не можат на раат да се истушираат и нормално да ги направат секојдневните обврски кои се поврзани со водата.

„Имаме сериозен проблем со водата. Вода има до 9 часот наутро после тоа до 19 часот слаб е притисокот

Угостителите сметаат дека една од можните причини за појавата на овој проблем посебно во летниот период е сеуште неподмирениот долг кон ЕВН, па оваа приватна компанија го исклучува ЈП Водовод Стуга. Додека пак од ЈП со апел, водата од градскиот водовод наменски и рационално да се користи. Тие признаваат дека постои проблем со притисокот и велат дека тоа е поради високите температури и зголемениот број на жители во градот, како и поради помалата издашност на изворите кај Горна Белица и намаленото ниво на езерото кај селото Шум, од каде градот се снабдува со вода.