Skip to main content

Мешани полициски тимови ќе патролираат во Струга и Саранда

Мешани полициски тимови ќе патролираат во Струга и Саранда. Патролите ќе го зголемуваат чувството на сигурност кај туристите во двата града. Вакви мешани патроли има и во Будва и во Шибеник.

 |  Валентина Неловска  | 

За време на туристичката сезона во Струга и Саранда ќе патролираат мешани полициски тимови во месеците јули и август. Албански полицајци Фајтон Сетлари од Подградец и Сигрид Краја од Тирана се дел од мешаните полициски патроли. Македонски полицајци пак во мешовити патроли ќе бидат ангажирани во албанскиот туристички град Саранда. Мешаните патроли се резултат на договорот потпишан меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји, информира Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.

 „Полициските патроли од Македонија и Албанија се во состав од полициски службеници кои ќе делуваат превентивно, ќе претставуваат дополнителна помош на полициските службеници во делување на јавниот ред и мир и ќе претставуваат гаранција повеќе за македoнските туристи во Саранда и албaнските туристи во Струга, со цел да се чувствуваат по безбедно и посигурно“, вели Димоски.

Мешаните полициски патроли ќе делуваат на целото подрачје на Струга. Во градот има стабилна и поволна безбедносна состојба и досега не е забележано нити едно нарушување на јавниот ред и мир. Туристите надвор од својата земја се чувствуваат посигурно кога ќе слушнат за вакви мешани патроли, напоменува албанскиот полицаец Фајтон Сетлари од Подградец.


„ Добро и пријатно изненадување се за туристите во градот да се чувствуваат побезбедни и посигурни. И двете страни се чувствуваат комотно кога ќе видат полицаец од нивната држава“, напоменува Сетлари.
Министерството за внатрешни работи на Македонија вакви мешани патроли има и во Будва во Црна Гора и во Шибеник, Хрватска. Од пред три години вакви мешани полициски тимови имаше и во соседна Србија.