Skip to main content

ЕУ ја финансира изработката на студијата за изградба на регионална депонија

Европската Унија е подготвена да помогне за за изградба на современа и по сите стандарди регионална депонија во југозападна Македонија, истакна денес евроамбасадорот Самуел Жбогар по средбата со  градоначалникот на Општина Струга Мустафа Забзун.

 |   | 

Европската унија ја финансира изработката на студијата за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион. Иако во Македонија постојат стотина диви депонии, последните настани со опожарувањето на Струшката дива депонија и нејзината близина до градот, ја истакнуваат потребата од поактивно учество на ЕУ во решавањето на овој проблем, истакна Амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар.

„Токму поради тоа ја финансираме изработката на студијата за целиот Југозападен регион, моментално се подготвуваат документите за финансирање, за изработка на тендерите за изведување и за имплементација на оваа регионална депонија, која како прво ќе биде легална, потоа изработена според сите стандарди и секако за секогаш ќе го реши проблемот со нелегалните депонии, особено со оваа во Струга“ рече Самуел Жбогар – Амбасадорот на ЕУ во Македонија.

Еден од најголемите проблеми со кои моментално се соочува Општина Струга е проблемот со дивата депонија, а во неговото конечно решавање, добредојдена е помошта која ја нуди Европската Унија, истакна Мустафа Забзун – в.д. Градоначалник на Општина Стругa.

„Ние како општина се обидуваме тоа да го менаџираме и господинот амбасадор се интересираше за состојбата и можностите како поната ќе продолжиме во насока на решавање на овој горлив проблем за Општина Струга“ објасни Мустафа Забзун – в.д. Градоначалник Општина Стругa.

Покрај дискусијата поврзана со потребата од дислокација на дивата депонија, на средбата станало збор за финансиската состојба на Општина Струга, за појавата, влијанието и последиците од се поинтензивните миграциски процеси врз оваа општина, проблемите во образованието особено интегрираното образование, соживотот во мултиетничките средини и друго.